Решен статусот на преостанатиот дел од поранешните професионални војници

Процесот за решавање на статусот на професионалните војници конечно добива своја завршница. Најдоца до месец февруари ќе завршат вработувањата и ќе се реши судбината на уште 140 семејства. Професионалните војници велат дека, со предлог- законот  ќе добијат посветла иднина.

-Со предлог законот за измена на Законот за служба во АРМ предлагаме да се овозможи вработување на сите професионални војници на кои им престанал работниот однос по основ на навршување на максимална старосна граница. На еден начин ова претставува континуитет, но во исто време и конечна разрешница и завршување на процесот на решавање на статусот на професионалните војници, кој започна најпрво со решавањето на статусот на војниците кои се на служба во Армијата, близу 4.000 луѓе, продолжи со решавање на статусот и вработување на професионалните војници кои беа евидентирани во Агенцијата за вработување на 31.12.2013 година како невработени лица и сега го завршуваме со третата група со вработување на сите останати војници на кои работниот однос во АРМ им престанал по основ на навршување на максимална старосна граница, истакна Емил Димитриев, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Одредбите од Законот се многу прецизни, вели Димитриев и го регулираат начинот на нивното вработување со конкретни рокови.

-Во законот е предвидено вработувањето на овие од прилика 140 поранешни професионалани војници да заврши најдоцна до крајот на месец февруари 2016 година. Претходно треба да поднесат барање, крајниот рок за поднесување на барањето за нивно вработување во Министерството за одбрана е крајот на месец јануари 2016 година. Се надевам дека ова решение е на задоволство на оваа категорија на луѓе која за нас е значајна, бидејќи извршувала исклучително важни работи за државата и дека решаваме човечки судбини на 140 семејства.

За овој предлог- закон, очекуваат поддршка и од опозицијата.

-Тие во исто време имаат поднесено Закон, но не знам од кои причини во нивниот Закон во делот на фискалните импликации имаат ставено 2 милиони денари на годишно ниво, што значи вработување на од прилика 14 луѓе, а нашиот Закон предвидува буџетска импликација 54 милиони денари на годишно ниво, што решава проблем на 140 луѓе. Сметаме дека опозицијата треба да го искористи овој наш предлог, да го поддржи и едногласно да го изгласаме во Собранието.

-Ова е еден од најсреќните денови во нашите животи. Со овој потег и лично залагање на Димитриев и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се решава и затвора едно горчливо прашање во врска со професионалните војници кои беа со нерешен статус. Сакам да искажам голема благодарност. Со ова добиваме решавање на нашиот статус и посветла иднина, истакна Марјано Горбански, претседател на Координативното тело на отпуштени професионални војници.

 
 
31.10.2015 - 12:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа