Охридската болница лидер меѓу установите што нудат најквалитетна здравствена услуга

Општата болница во Охрид е меѓу лидерите кога станува збор за квалитетот на услугите што ги нудат здравствените институции национално ниво. Тоа го покажуваат резултатите од спроведното испитување што го спроведе Министерството за здравство за тековната 2015 година.

Директорот на ЈЗУ Општа болница од Охрид Љубен Арнаудов по однос анонимната анкета спроведена меѓу пациентите истакна дека дури 85,9 отсто од испитаниците се изјасниле дека се задоволни од медицинската нега што ја нуди установата.

Дури 92,2 проценти од анкетираните се задоволни од условите и конферот во чекалните, 66,6 проценти од опремата во болничките соби, 66,7 отсто од условите во собите, додека стопроцентно задоволство искажале пациентите кога станува збор за хигиената во болничките соби, од болничката храна и квалитетот на болничката нега пружена од лекарите.

-          Сите вложувања што ги направивме овие години и несебичните залагања, со реновирањето на старите постоечки капацитети, градењето на новиот хируршки блок, воведувањето најсовремена опрема вредна некаде два милиони евра, даваат видливи резултати на ниво на работење на медицинскиот сегмент на болницата. Резултатите од анкетирањето како и останатите параметри што ги следиме покажуваат дека сме на вистински пат да им дадеме на пациентите квалитетна здравствена нега, истакна Арнаудов.

Тој пред медиумите истакна дека податоците добиени настрана од спроведената анкета покажуваат зголемување на вкупниот број пациенти што добиле некаква здравствена услуга во установата, од пружени 116 илјади услуги во 2007 година на 189 илјади оваа година. 

- Наша интенција е да се продолжи со набавка на нова најсовремена медицинска опрема. Веќе е инсталиран и мамографот, наскоро ќе биде ставен во употреба, ќе работиме на санирање на одредени стари објекти во насока на подобрување на енергетската ефикасност, а во план е и изградба на нов геријатриски центар, што мошне му е потребен на Охрид, истакна Арнаудов.

По однос проблемот на недостиг на кадар, директорот на Општата болница рече дека веќе се преземаат мерки за негово надминување.

- Моментално имаме нововработени 23 лекари од кои 16 се на специјализација, примени се 27 медицински сестри, како и 90 лица помошен медицински персонал. Веќе таа проблематика полека се надминува, истакна Арнаудов.

Анкетата за испитување на задоволството на пациентите е спроведена кај вкупно 2.810 испитаници од 13 болници низ државата, меѓу кои и Oпштата болница - Охрид.

 
 
31.10.2015 - 14:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега