Груевски: Со посветена работа може да се натпреваруваме и со најсилните

Потребни се луѓе со високи цели, образовани и мотивирани кои со сиот свој капацитет ќе се вложат Република Македонија со брзи чекори напред да ги достигне сите сегменти кои се репер на развиените европски демократии. Одговорот на предизвиците со кои се сочувала и ќе се соочува Македонија можат да го дадат добри политичари, луѓе со чувство, визија, кои знаат што прават и напорно работат да ги исполнат целите кои си ги имаат поставено, порача Премиерот Никола Груевски на отворањето на политичката академија „Јакнење на капацитетите на младите и жените во политиката".

Ако се сака и посветено се работи, рече, може да се постигне многу и да се натпреваруваме со најсилните во светот.

- Како доказ ќе го земам примерот со последниот извештај на Дуинг бизнис на Светската банка. Во овој извештај пред нецели десет години бевме на 96 место во светот, денес на 12-тото, а на шестото во Европа, веднаш после Англија и четирите скандинавски држави. Пред десет години бевме зад многу држави од регионот, а денес сме лидери во ЈИЕ па дури и пред земји како што се Германија, Австрија, Франција, Холандија, Јапонија... Тоа е пример дека ако се сака и ако се работи напорно и континуирано може да се постигне многу, рече македонскиот премиер.

Додаде дека од овие причини ВМРО-ДПМНЕ во годините назад активно работи на постојана едукација на сопствените кадри со цел, како што потенцира, воспоставување нови и повисоки стандарди во политиката и политичкото работење во нашата држава.

- Академијата прераснува во традиционален образовен фокус на ВМРО-ДПМНЕ и начин преку кој години наназад се профилираа голем број политичари. Нејзиното организирање е резултат пред се на нашите заложби за постојана надградба на партијата и обезбедување простор и вклучување на секој заинтерсиран поединец во политичкиот живот во Република Македонија. Таквиот наш фокус останува и во иднина со цел воспоставување нови пракси и повисоки стандарди во политиката и политичкото работење во нашата држава, истакна во обраќањето премиерот. 

Вклучувањето на младите и жените во политиката и раководењето, што е овогодинешна тема на академијата, според него е исклучително значајна и е нешто што ВМРО-ДПМНЕ постојано го практикува.

- Потребно е само да се види составот на сите влади кои ги предводи ВМРО-ДПМНЕ, раководствата во институциите, општините, оптшинските комитети, составот на извршниот комитет на партијата. Младите и жените се секаде присутни. Нема предрасуди, нема стереотипи. Се цени способноста и мотивираноста, а се друго потоа, истакна премиерот. 

Како партија, додаде, преферираме ситем на отворени врати и можност за секого не како обична фраза, туку тоа е една од најзначајните одлики на ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период.

Претставникот на Фондацијата Конрад Аденауер Јоханес Рај истакна дека академијата е можност да се споделат искуства да се научи многу. Ние како фондација, рече, претпочитаме да работиме преку партнерски однос со заедничка работа. 

- Осум месеци сум претставник на фондацијата во Македонија. Претходно сум работел во многу други земји како Малезија, Монголија, Гана, а сега сум одговорен и за Косово. И досега никогаш не доживеав за решавање на внатрешни политички проблеми да се најдат странски медијатори, посредници, тоа не сум го видел. Јас како странец и како гостин во оваа земја сметам дека тоа е малку чудно, рече Рај.

Додаде дека оваа фондација, која е еден од организаторите на академијата, сака на ваков начин да гради мостови и да спојува луѓе по пат на примена на принципот на партнерство. Ние не сме овде, рече, за да седиме во канцеларија и да ви кажуваме вам што да правите, туку ние секогаш работиме со партнери, пред се со домашни партнери. 

- Кога доаѓаме од богата држава како на пример што е Германија која добро функционира имаме тенденција малку да држиме предавања, да го подигнеме моралниот прст и на таа земја во која сме гости да и кажуваме што да прави. Тоа не требна да биде така. Јас овде кога работам со македонските партнери можам многу да научам, истакна Рај.

Смета дека е голем успех на Македонија како млада демократија што тој како странец смее слободно да живеее и да зборува. - Еве во присуство на премиерот можам да си го кажам мислењето, не може да ме попречи можам да зборувам што сакам .Тоа е за мене голем успех и значи дека меѓусебно си веруваме, рече Рај. 

Организатори на политичката академија, покрај Фондацијата Конрад Аденауер од Германија, се и Институтот „Павел Шатев", Фондацијата Едуардо Фрај од Холандија и Меѓународниот републикански институт (ИРИ) од САД.

 
 
31.10.2015 - 15:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега