Земјите од соседството далеку зад нас: Реформите даваат резултат, економијата оди напред

Дека добро спроведените реформи и економски политики носат одлични резултати, изминативе денови потврдија низа експерти и аналитичари од светски рамки. За нив не е изненадување тоа што Македонија се најде толку високо на извештајот на Светска банка- Дуинг бизнис 2016. Македонија во извештајот е рангирана како 12-та во светот, 6-та во Европа и земја која е најдобра во регионот за правење бизнис. Зад нас се Словенија, Бугарија, Хрватска и Грција – земји од соседството кои се веќе дел од ЕУ, пишува Лидер.

Директорката на Светската банка за Југоистона Европа, Елен Голдстејн во интервју за една тиранската телевизија ја посочува Македонија како добар пример за спроведување реформи во економијата и создавање на поволна бизнис клима.

-Повеќето балкански земји се некаде на средината на светското подредување на економиите и тоа не е доволно. За да бидеш светска дестинација за инвестиции, треба да бидеш една од најдобрите. Од оваа гледна точка многу интересно е да се види Македонија, која оваа година е рангирана 12-та во светот и постојано е меѓу 25-те или 30-те први земји во светот. Ова е еден стандард кој може да го постигне секоја земја на Балканот, доколку ги забрза реформите. Огледајте се на Македонија, вели Голдстејн.

Дека македонските услови за бизнис се најдобри во регионот и меѓу најдобрите во светот, се согласува и нејзиниот колега од Светската банка, Симеон Џанков, кој инаку е еден од творците на извештајот Дуинг бизнис, а е и поранешен вицепремиер и министер за финансии на Република Бугарија.

-Македонија е доказ дека со имплементирање реформи, не само во изминатата година, туку континуирано во последните 7-8 години, може да бидете меѓу најдобрите земји за бизнис во светот, а не само во регионот. Во последниве години Македонија е многу подобрена на полето на е- Влада, па ако сакате да започнете нов бизнис во земјава, вие тоа може да го направите електронски, се е онлајн. Тоа може да се направи многу брзо, што ја намалува можноста за корупција. Регистрацијата на имотот исто така стана он-лајн процес во Македонија, компаниите побрзо можат да дојдат до кредити. Се што е поврзано со ефикасност на административните процедури, Владата го подобри, нагласува Џанков.

Дека извештајот на Светска Банка го унапредува имиџот на Македонија и е одлична препорака за потенцијалните инвеститори, смета и аналитичарот од Брисел, Рикард Јожиак. Според Јожиак, извештајот е доказ дека Македонија е реформски лидер во регионот.

-Тоа е резултат на вложениот напор на македонските власти кои сакаат да го разработат бизнис секторот и да привлечат инвеститори. Тие се константно фокусирани на тоа изминативе 9 години, и затоа воопшто не изненадува резултатот. После се што се случува, на крајот најважно е колку нови работни места ќе се отворат за Македонците, колку пари ќе влезат во домашниот буџет, нагласува Јожиак.

Реформите се чувствуваат и во пракса

Нотираните реформи од извештајот „Дуинг бизнис“ се чувствуваат во практиката –  оценува долгогодишниот банкар, Глигор Бишев.

-Конкуренцијата не се чувствува само во делот на производите и на услугите, туку и во сферата на институциите. За нас како банки е многу важно дали нотарите, извршителите, катастарот ефикасно функционираат, многу е важно како оди воспоставувањето и регистрирањето на нови компании. Ова не се чувствува само во извештајот на Светска банка, туку и во практиката. Со ова  се намалуваат трошоците на банките, а  ние  нудиме трошоци со пониски каматни стапки, вели Бишев.

Ивештајот е потврда за добрата деловна клима, велат и од Сојузот на стопански комори. Во земјава брзо се отвора фирма, трговијата е олеснета, процедурите се поедноставени.

-Рангирањето на Дуинг бизнис, извештајот на Светска банка е еден позитивен маркетинг за Република Македонија, односно позитивно влијае како земјите од надвор, од регионот и светот гледаат на Република Македонија како дестинација која е поволна за отпочнување и водење на бизнис, вели Данела Арсовска, претседател на ССК.

И странските инвеститори потврдуваат дека реформите кои ги спроведуваат надлежните даваат резултат. Потврдуваат дека многу работи се променети во однос на условите за водење бизнис.

-Владата прави многу во однос на подобрување и привлекување на странските директни инвестиции. Она што го ветија и го исполнија, а напредокот во последниве четири години е огромен. Може да се направи уште повеќе, но, да бидеме искрени, ниту светот не е направен за еден ден. Сметам дека доколку Македонија продолжи вака, ќе стане исклучително поволно место за инвестиции, вели странскиот инвеститор, Гвидо Галени.

Проценќите на експертите се совпаѓаат со оние на меѓународните финансиски институции дека македонската економија, со сите реформи е добро позиционирана да оствари високи стапки на раст и натамошно намалување на невработеноста.

 
 
03.11.2015 - 08:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега