Компании од Италија и Турција ќе градат фабрики во Битола

Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески денес најави дека две компании од Италија и Турција ќе инвестираат во индустриската зона „Жабени“.

На денешната традиционална прес конференција што се одржува во пресрет на 4. Ноември – Денот на ослободувањето на Битола, Талески освен за новите инвеститори информираше за реализираните проекти во изминатата година, како и за новите проекти кои ќе бидат реализирани со поддршка на Владата на Република Македонија.

 

- Италијанската компанија е од сферата на прехранбената индустрија и нивната инвестиција е врзана со откуп и преработка на овошје и зеленчук. Во првата фаза се очекува директно вработување на околу 100 лица, но и индиректна поволност за сите производители на овошје и зеленчук кои со нiвното доаѓање во Битола ќе имаат гаранции за откуп на родот. Турската компанија се занимава со производство на алатки за земјоделски машини и механизација, потврди Талески.

 

Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески истакна дека паралелно продолжуваат инвестициските активности во поранешната касарна во која се очекува во иднина да живеат околу 5.000 жители.

 

- Освен локални, како општина реализираме и проекти кои се од национално значење за што имаме владина поддршка како што е реконструкцијата на железничката пруга до грчката граница за што се обезбедени 20 милиони евра. На наше барање се гради и железнички крак кој ќе води до зоната „Жабени“, а во градот целосно ќе се обнови железничката станица. Како локална самоуправа будно го очекуваме проектот за топлификација на градот кој на почетокот од следната година ќе стартува со примарната, а потоа и со секундарната топловодна мрежа, нагласи Талески.

 

Празнувањето на Денот на ослободувањето на Битола продолжува вечер и утре за кога е закажана свечена академија и на која градоначалникот Владимир Талески ќе ги врачи највисоките општински награди и признанија.

Годинешен добитник на наградата за животно дело е Академик Георги Здравев, а награди за постигнувања во професијата се Димитар Најдов, актерот Петар Горко, спортистот Борис Неделков и КУД „Илинден“-Битола кое годинава слави 60 години од формирањето.

 
 
03.11.2015 - 14:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега