ВМРО-ДПМНЕ даде зелено светло за предлог законот за изградба на експресен пат Штип-Радовиш

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја информира македонската јавност дека на денешното четврто продолжение на 71-та пленарна седница во Собранието на Република Македонија дадовме зелено светло за Предлог-законот кој што предвидува изградба, реконструкција и проширување на експресниот пат Штип - Радовиш, се вели во соопштението од пратеничката група.

Интегрален текст од соопштението на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ:

Овој патен правец ќе биде во должина од 39 километри и ширина од 11,4 метри, од кои реконструкција и проширување на постојната делница Штип - Радовиш ќе биде во должина од 18 километри, додека изградбата на новата траса ќе биде во должина од 21 километар. 

Реализацијата на овој проект е поделен во неколку подпроекти кои се однесуваат на различни делници и тоа:

- клучка Три Чешми;

- подделница од Штип до с. Софилари;

- од с. Софилари до клучка Бучим/Дамјан;

-  и од клучка Бучим/Дамјан до клучка Радовиш.

Подделницата од с. Софилари до клучка Бучим/Дамјан е по нова траса и се поклопува со првичното идејно решение за изградба на автопат, делница Штип - Радовиш - Струмица, додека на останатите подделници експресниот пат ќе се формира со реконструкција и проширување на постојниот магистрален пат Штип - Радовиш.

Изградбата на оваа делница на ниво на експресен пат значително ќе придонесе за олеснување на протокот на сообраќај низ населените места, но и ќе значи исполнување на барањата и потребите на граѓаните од овој предел, при што ќе се зголеми безбедноста и сигурноста на учесниците во сообраќајот во иднина.

Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сакаме да напоменеме дека со изградбата на овој експресен пат значително ќе се подобри патната инфраструктура во југоисточна Македонија, нешто за што се обврзавме дека ќе го исполниме за граѓаните од овој регион.

Со изградбата, реконструкцијата и проширувањето на експресниот пат Штип - Радовиш покрај подобрувањето на патната инфраструктура, тој исто така значително ќе допринесе и за забрзан економски развој на овој регион односно ќе се олесни транспортирањето на производите на земјоделците и остатаните трговци кои секојдневно транзитираат и го користат овој патен правец.

Како Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ секогаш сме ги поддржувале проектите кои се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура односно реконструкција и изградба на нови патишта. Досега за таа цел се изградени 1280 километри локални и регионални патишта низ целата територија на Република Македонија, се врши изградба и реконструкција на магистрални и експресни патишта, во тек е изградба на три нови автопати, континуирано се врши модернизирање на светлечката и сообраќајната сигнализација низ целата држава, реконструкција на мостови, реконструкција на постоечки и пробивање на нови тунели и уште многу други проекти кои значат подобар, поквалитетен и побезбеден патен сообраќај.

Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ свесни сме за тоа колку патната инфраструктура е важна за граѓаните и токму затоа секој проект кој што во иднина ќе биде насочен кон изградба или реконструкција на патната мрежа, секогаш ќе ја добива нашата безрезервна поддршка бидејќи преку секојдневните средби кои ги имаме со нив знаеме дека токму подобрите и побезбедните патишта се главен приоритет за граѓаните на Република Македонија.

 
 
06.11.2015 - 17:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа