Избори Хрватска: ХДЗ со тесна победа - неизвесно е формирањето на влада

По 99 отсто преброени гласови од вчера одржаните парламентарни избори во Хрватска, победник на изборите е „Татковинската коалиција“, предводена од Хрватската демократска заедница (ХДЗ) со освоени 59 пратенички места (со трите мандати на дијаспората), додека коалицијата „Хрватска расте“ предводена од владејачката Социјалдемократска партија (СДП) освои 56 пратенички мандати, пренесе МИА.

Третата најголема сила на изборите е независната листа МОСТ со 19 саборски мандати, потоа регионалните партии ИДС-ПКС со три, ХДССБ и Милан Бандиќ по два, и „Жив Ѕид“ и „ Успешна Хрватска“ по еден мандат. Преостанатите осум мандати по Уставот им припаѓаат на застапниците на малцинствата во Хрватска, јавува ХРТ.

Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиć, по полноќ, и се обрати на хрватската јавност.

- Им честитам на хрватските државјани и државјанки кои покажаа дека сме зрела држава. И честитам на Татковинската коалиција, која е релативен победник на изборите. Ги повикувам сите во разговорите над партиските интереси да ги стават интересите на Хрватска. Верувам дека по консултациите ќе имаме нов мандатор и стабилна влада, рече претседателката, а пренесе РТЛ.

Томислав Карамарко, по објавјавувањето на резултатот им се обрати на задоволните приврзаници.

- Имаме  победа за победа веќе 3,5 години. Морам да кажам дека победивме на парламентарните избори, и со оваа победа е ставена точка на ’и’. Две третини од нашите граѓани се одлучиле за промени и апсурдно е тие да бараат нов мандат. Не знаев дека бројот 53 е поголем од бројот 61, а јас Ви гарантирам дека разликата ќе се зголеми. Кој и да е подготвен да се бори со нас за подобрување на животот, добредојден е. Тоа нема врска со коалицијата... Ќе се бориме за секое работно место, за секое необработено поле, нема да дозволиме младите да ја напуштаат земјата. Нема да дозволиме полека да исчезнуваме како народ... Отворени сме за соработка со сите, без разлика на сите разлики, рече Карамарко, а пренесе „Јутарњи лист“.

Карамарко и на колегите од МОСТ им честита на остварениот резултат.

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ ги повика колегите од Мост заедно да ги направат реформите.

- Една работа е јасна - Хрватска одлучи дека нема враќање на старото. Во кој правецќе одиме ќе одлучиме во следните денови, можеби и утре. Во овие четири години покажавме дека сме луѓе, дека створивме организирана држава која ги штити своите граѓани. Сами не можеме, ни требаат партнери. Ги повикувам сите оние кои сакаат реформи да ни се придружат. Не поставуваме услови, сакаме да разговараме.... Сега гледаме дека се појави МОСТ која сака реформи, ги повикувам тоа да го направиме заедно, рече првиот човек на коалицијата „Хрватска расте“ Зоран Милановиќ во обраќањето до симпатизерите во штабот на партијата, пренесе „Јутарњи лист“.

 
 
09.11.2015 - 09:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега