Министерството за здравство ги осудува случувања на скопскиот Клинички центар

Министерството за здравство ги осудува утринските случувања на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ во кои лекар од Абдоменална хирургија беше повреден од огнено оружје, и бара целосно расветлување на случајот од надлежните институции и соодветно санкционирање согласно Закон.

Лекарот во кој пукаше незадоволен пациент е повреден во нозете, опериран е и е надвор од животна опасност. 

По информациите за инцидентот министерот за здравство Никола Тодоров ги посети хируршките клиники, каде што разговараше со дел од медицинскиот персонал и вработените на клиниките.

Од Министерството за здравство во соопштение укажуваат дека нападот врз здравствен работник при вршење здравствената дејност е уреден како кривично дело согласно Законот за здравствена заштита. Ако при нападот е нанесена тешка телесна повреда тогаш претставува тешка форма на кривично дело за што е предвидена затворска казна во времетраење до десет години.Оваа казнена одредба, наведуваат од Министерството за здравство, е предвидена со измените на Законот од 22 јануари  годинава.

- Уште еднаш потенцираме дека ваквите инциденти се недозволиви во кој било здравствен систем, особено имајќи предвид дека здравствените работници во својата дејност се залагаат за спасување човечки животи. Во таа смисла, никој нема право сопствениот револт да го искажува во форма на насилство кон докторите и останатиот здравствен персонал, а уште помалку користејќи огнено оружје.  Надлежните институции ќе останат фокусирани на целосно испитување на случајот и преземање на сите мерки за соодветно санкционирање, се вели во соопштението.

Инцидентот во кој беше повреден лекарот  се случил во 09:30 часот на одделението за абодеменална хирургија. Лекарот, според болнички извори, веднаш по инцидентот бил пренесен во операциска сала.  

Полицијата привела три лица, родени 1979, 1981 и 1985 година, сите од Скопје. Во Клиничкиот центар се уште е присутна полицијата и го истражува случајот.

Од МВР најавија подетални информации во текот на денот.

 
 
09.11.2015 - 12:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа