Пролонгиран рокот за сертифицирање на знаења за енергетска ефикасност

 

Стопанската комора на Македонија до  27 ноември го пролонгира  рокот во кој градежните компании можат да ги пријават своите работници за бесплатно добивање сертификат за препознавање на претходно стекнатите знаења со кој ќе се потврди дека се обучени за енергетски ефикасна градба за занимањата фасадер, мајстор за покриви, столар, инсталатер на греење и климатизација и електричар.

Пријавувањето може да го направат на веб-страницата www.pin.mk или со лична достава до Стопанската комора на Македонија или, пак, до партнерите на проектот за сертифицирање на претходните знаења за енергетска ефикасност, а еден кандидт може да се пријави за повеќе занимања.

Како што информира Јадранка Аризанковска на денешната прес-конференција во Комората,  до 30 октомври, кога истече првичниот рок се пријавиле 650 до 700 од предвидените 1.000 градежни работници за сертифицирање на претходните знаења за енергетска ефикасност. Од нив, според првичните согледувања од практичнта проверка, 90 до 95 отсто може да се сертифицираат, а за останатите е неопходна дополнителна теоретска и практична настава.

За таа цел Стопанската комора во рамки на проектот планира во декември да организира 10-дневна беплатна обука за 50 градежни работници кои нема да успеат да докажат дека поседуваат претходни вештини за енергетски ефикасна градба. Тие ќе бидат тренирани практично и на терен. Комората ќе се обиде да добие уште еден проект од ЕУ со кој ќе обезбеди средства за понатамошна обука на градежните работници. 

- Добиените сертификати во рамките на проектот Сертифицирање на 1.000 градежни работници за обезбедување на енергетски ефикасна градба, кој е дел од европската иницијатива за јакнење на капацитетите на градежниот сектор за градење на енергетски ефикасни згради, потврдуваат дек градежните работници се обучени да ги применуваат принципите на енергетска ефикасност во градбите. Тие имаат важност не само во Македонија, туку и во целата Европска унија, а особено во Хрватска и Словенија, рече Аризнковска.

Сертификатите, нагласи, ќе бидат препорачани  за отпочнување на процедура за верификација од страна на Центарот за образование на возрасни, а сертифицираните работници ќе може да аплицираат на тендери каде се бараат работници со вештини за енергетска ефикасност.

- Во тек е и иницијатива за измена на Законот за јавни набавки со која ќе биде обавезно поседување на вакви сертификати од страна на компаниите со цел да се осигура дека градбите ќе бидат изградени по енергетски ефикасен принцип, рече Аризанковска.

Раководителот на Центарот за образование на возрасни, Ирена Милков посочи дека во иднина кандидатите кои ќе сакаат да им се препознае претходно стекнатото неформално знаење ќе треба да плаќаат некаков надоместок за да обезбедат сертификат.

- Успешноста на овој проект во иднина може да се искористи како добро искуство. Центарот изработи концепција за неформално образовние и имформално учење во соработка со Европската тренинг фондација со која се планира да се постават темелите на процесот за валидација на претходно стекнато знаење. Планирно е да се направи и дополнување на Законот за национална рамка на квалификации со вклучување на одредби за валидација на неформалното и имформалното образование, како и до 2018 година да се донесе закон за валидација на претходно учење, рече Милков.

Претходно во рамите на проектот, што се спроведува со кофинасирање од страна на Европската унија во износ од 75 отсто, се сертифицирани 200 тренери за енергетска ефикасност за сите пет занимања

 
 
09.11.2015 - 13:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега