ВМРО-ДПМНЕ: Лажна солидарност на СДСМ со лекарите

ВМРО-ДПМНЕ смета дека солидарноста што СДСМ ја изразува со лекарите е лажна пред се, како што велат од партијата, поради фактот дека пратениците од СДСМ ниту денеска не го осудиле нападот врз докторот што се случи во Клиничкиот центар во Скопје.

- Не ни е јасно како СДСМ кажува дека се солидаризира со докторите и здравствените работници, а истовремено не го осудува овој вандалски и криминален настан и понатаму продолжува политички да го злоупотребува ваквиот немил настан за свои партиски цели и потреби, се вели во соопштението од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како реакција на прес-конференцијата на пратеничката група на СДСМ. 

Во него се додава дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува Повелбата за носење на Закон за докторска дејност потпишана помеѓу Министерот за здравство Никола Тодоров, Лекарската комора на Македонија и Македонското лекарско друштво, која чинителите се обврзале да ја развијат во Закон за докторска дејност, со цел заштита и унапредување на докторската дејност и заштита на интегритетот и дигнитетот на докторот како личност и професионалец што придонесува кон обезбедување на квалитетна здравствена заштита.

Со денешната прес-конференција на СДСМ, се истакнува во соопштението, партијата уште еднаш покажала дека воопшто не е ги разбира барањата на докторите и здравствените работници, ниту сега, ниту кога биле на власт, ниту за барањата за покачување на платата, за плаќање на обуките, за барањата за нова медицинска опрема и реконструкција и градење на нови болници, за нови амбулантни возила....

Со овие факти, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, се разоткрива глумата и лажната загриженост на СДСМ кон докторите и пациентите. За разлика од СДСМ, во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, се потенцира во соопштението, биле зголемени платите за речиси 25 проценти, обезбедени околу 2000 едукации во врвни странски установи за докторите на товар на државата, 208 специјализации и 75 субспецијализации, набавена нова медицинска опрема од 100 милиони евра и реконструкција на установите во износ од 150 милиони евра, отворена државна кардио хирургија и Детска кардио хирургија, нови амбулантни возила... 

 
 
12.11.2015 - 16:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега