Нема застој: Автопатите се градат според планираната динамика

Автопатите во земјава се градат согласно утврдената динамика. Премиерот Груевски изврши увид и во градежните активности што се во тек за изградбата на автопатот Охрид – Кичево во должина од 57 километри, со проектирана вредност од 374 милиони евра. Тој истакна дека градежните активности се одвиваат одлично, согласно утврдената динамика, пренесува Лидер.

-Речиси е пробиена целата траса, еден дел почна да се асфалтира како што може да се види на лице место. Планот е нeкаде до крајот на следната 2016 година дел од автопатот да биде завршен. Осумнаесет километри веќе да бидат пуштени во употреба додека останатиот дел ќе се заврши во предвидениот рок од четири години. Наскоро планираме да почнеме со уште една делница на автопат, тоа ќе биде во текот на 2016, веројатно некаде средината на 2016 година, а тоа е делницата од Требеништа до Струга, најверојатно во исто време ќе отпочне и изградбата на експресниот пат од Охрид до Пештани, сообраќајница што во моментов се проектира и за која се обезбедува потребната документација изјави Груевски.

Пробиени околу 77 проценти од трасата на автопатот Охрид – Кичево

Како што пишува Лидер, се работи на земјените работи со завршени 43 пропусти, а се работи и на десет други. Моментално се работи на осум потпорни ѕида, од кои еден е целосно завршен, на седум вијадукти и четири мостови, како и на три потпатника и натпатника. Интензивно се градат и тунелите, а се пробиени повеќе од 600 метри од тунелот „Пресека“ што ќе биде долг некаде околу два километри. На градилиштето во моментов се ангажирани 1.190 работници, со механизација од 661 камииони и машини.

Ќе се гради експресен пат Штип-Кочани, обезбедени средства од ЕБОР

Македонија доби од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) дополнителни 21 милион евра со кои се овозможува, наместо реконструкција на постоечкиот, изградба на нов експресен пат од Штип до Кочани. Договорот во Лондон го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, првиот потпретседател на Банката Фил Бенет и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Александар Стојанов.
Експресниот пат ќе биде со должина од 28 километри и ќе има четири ленти. Ќе се зголеми безбедноста на сообраќајот, а ќе се влијае и на заштита на животната средина. Треба да почне да се гради во првиот квартал следната година.
Во Лондон го потпишавме договорот со Европската банка за обнова и развој за финансирање нов експресен пат од Штип до Кочани. Вредноста на проектот е 53 милиони евра кои ќе овозможат да се изгради целосно нов експресен пат со четири ленти во должина од 28 километри кој ќе ги поврзува Штип и Кочани. На тој начин им излегуваме во пресрет на граѓаните на Штип, на Кочани и на другите населени места со изградба на модерен пат кој ќе обезбеди побезбедно и побрзо патување помеѓу овие два града. Истовремено се овозможува да се подобри и конкурентноста во регионот и да се привлечат нови инвеститори кои ќе го користат овој пат, изјави Ставрески по потпишувањето на Договорот, пренесува Лидер.

Тој додаде дека изградбата на регионалниот пат од Штип до Кочани се вклопува во агендата на Владата на РМ за интензивна изградба на регионални патишта од кои пак, како што рече, ЕБОР ја поддржува и изградбата на патот од Раевци до Дреново која, исто така, ќе започне набрзо, како и изградбата на патот од Охрид кон Пештани и од Требеништа до Струга.

Инфраструктурна експанзија вредна 560 милиони евра во Источна Македонија

Изградбата на патот Кочани – Делчево, Штип – Радовиш, регионалниот пат Тораница-Саса, реконструкција на делниците од Делчево до Голак и од Пробиштип до зимскиот туристички центар Пониква, како и продолжувањето со градба на автопатот Миладиновце – Штип во Источна Македонија се дел од капиталните проекти за следната година.
Според податоците на Јавното претпријатие за државни патишта, станува збор за капитални проекти со вкупна вредност од 560 милиони евра, чија реализација ќе го зголеми економскиот, социјалниот и територијалниот развој на земјата.
Вкупната должина на патиштата од 185,5 километри, која се очекува во источна Македонија за следниот период, ги опфаќа: автопатот Штип-Миладиновце од 47 километри и инвестиција од 206 милиони евра, Штип-Радовиш од 39 километри и инвестиција од 65 милиони евра, Штип- Кочани со вкупна должина од 26 км и инвестиција од 56 милиони евра, Кочани-Делчево со должина од 30 км и инвестиција од 10 милиони евра, рехабилитација на патот Делчево-Голак со должина од 11,5 км и инвестиција од 1,7 евра должина, изградба на патот Тораница-Саса со должина од 19 км и инвестиција од 10 милиони евра и изградба на патот Пробиштип-Пониква од 13 км, инвестиција од 5 милиони евра.

Во периодот од 2006 -та година со сега изградени се и реконструирани неколку автопати и делници во должина од 73 километри и вкупна инвестиција од 166 милиони евра.

Автопати во изградба

Освен Кичево – Охрид, во моментов се градат и Демир-Капија – Смоквица на Коридорот 10 и автопат Гоце Делчев на релација Миладиновце (Скопје) – Штип. Во тек е рехабилитација на автопатска делница од Велес до Катланово (Скопје). Вкупно во тек е изградба на 155,7 километри нова автопатска мрежа или инвестиција од околу 795 милиони евра.

Изградба на автопат Демир Капија-Смоквица, во должина од 28,2 км како дел од Коридорот 10. Вкупната инвестициона вредност изнесува 210 милиони евра

Изградба на автопат Миладиновце – Штип (автопат Гоце Делчев), во должина изнесува 47 километри инвестиција изнесува 206 милиони евра.

Рехабилитација на автопатска делница Велес-Катланово (Скопје), со должина од 23,5 километри. Инвестицијта е вредна 5,6 милиони евра.

 
 
13.11.2015 - 10:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега