Буџет 2016: Три пати поголеми инвестиции во патишта, железници, здравство, образвование..

За три пати повеќе пари за инвестиции во капитални проекти се издвоени во буџетот за 2016 година во споредба со 2006 година. Во 2016 година за вкупни капитални инвестиции се издвоени рекордни 37,5 милијарди денари, што е за 27,9 милијарди денари повеќе од 2006 година, кога за инвестиции во овој дел биле издвоени 9,6 милијарди денари, покажуваат официјалните податоци на Министерството за финансии.

Според податоците, има неколкукратно зголемување на инвестициите во изградба на патната и железничката инфраструктура, болници, училишта, изградба на канализации, водоводи итн.

Во здравството, на пример, пред десет години, како што е наведено, воопшто не се вложувало во капитални инвестиции, додека во 2016 година за оваа намена за издвоени 1,6 милијарди денари. 

За четири пати се зголемени инвестициите во образованието, за што во 2016 година ќе се издвојат 2,5 милијарди денари. За четири пати се зголемени инвестициите и во земјоделството, при што наредната година за оваа намена ќе се инвестираат повеќе од две милијарди денари.

Зголемување на инвестициите има и во делот на животна средина. За капитални проекти во животната средина се издвоени 390 милиони денари, што е за 50 проценти повеќе отколку во 2006 година итн.

Капиталните инвестиции, според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, директно ќе помогнат за динамизирање на економската активност во 2016 година.

Капиталните инвестиции за догодина, според Ставрески, се за 2,8 милијарди денари повеќе отколку во 2015 година, што е раст од 12,9 проценти.  

Со Предлог-буџетот за 2016 година се очекува реален раст на БДП од 4 проценти, на извозот на стоки и услуги  од 8,1 процент, на бруто инвестициите 7,5 проценти... Стапката на инфлација е проектирана на ниво од 2 процента. 

Вкупните расходи, според Предлогот, се проектирани на 195,7 милијарди денари, кои се за 4,7 проценти повисоки од оние во 2015 година, а вкупните приходи се проектирани на 176,8 милијарди денари, каде има зголемување за 6 проценти во однос на 2015 година.

Планираното ниво на дефицитот за 2016 година, како што образложи неодамна Ставрески, ќе се финансира преку комбинација на домашни и странски извори на финансирање.

Со предвидените средства за финансирање на Буџетот, РМ ќе остане во зоната на умерено задолжени земји, односно Буџетот ќе се вклопи во среднорочната фискална стратегија. 

 
 
16.11.2015 - 10:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега