Наградени трите најиновативни проекти за регионален развој

Проекти од областа на туризмот и образованието се наградени на изборот за најиновативен проект за регионален развој, што го реализира Министерството за локална самоуправа, во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и со швајцарската Агенција за соработка и развој (СДЦ).

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, на доделувањето на наградите за „Најиновативен проект од Програмата за рамномерен регионален развој во период од 2009 до 2014 година“ изрази очекување дека манифестацијата ќе прерасне во традиција, ќе придонесе вработените во центрите за регионален развој на планските региони да ги искористат сите креативни потенцијали и да создаваат иновативни решенија за проекти, кои ќе поттикнуваат рамномерен економски развој и подигнување на конкурентноста на секој од регионите и државата во целина.

- Оваа година право за учество имаа преку 300 проекти кои беа реализирани преку Програмата за рамномерен регионален развој во период од 2009-2014. Секој од осумте регионални центри на планските региони аплицираа со два проекта, а три најиновативни проекти ќе добијат награди, во вид на финансиска поддршка, којашто е обезбедена од буџетот на Министерството за локална самоуправа, Германското друштво за меѓународна соработка и Швајцарската Агенција за соработка и развој, рече Прешевски.

Владата, продолжи Пешевски, е силно посветена на рамномерниот регионален развој и оваа година за 107 проекти усвоени од Советот за рамномерен регионален развој распредели вкупно околу 2,2 милиони евра, а заедно со проектите кои се реализирани во претходниот период вкупниот буџет за оваа програма надминува 10 милиони евра.

Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани истакна дека покрај идејата и знаењето, средставата се најважен услов за реализација на добри проекти и токму затоа се инсистира на иновативност, зошто покрај буџетската поддршка, намера на Министерството е проектите за регионален развој главната финансиска поддршка да ја добијат од ИПА фондовите на Европската Унија.

 

Наградите за првите три најдобри проекти ги врачи Државниот секретар за локална самоуправа, Билјана Цветановска Гугоска. Прва награда, во вредност од 110 илјади денари, доби Центарот за развој на југоисточниот плански регон за проектот Ревитализација на дел од крајбрежјето на Дојранско езеро - Стар Дојран. Втора награда, во вредност од 90 илјади денари, доби Центарот за развој на вардарскиот плански регион за проектот Модернизација на предучилишно образование во општините од вардарски плански регион со програми за правилен психо-физички развој. Трета награда, во вредност од 80 илјади денари, доби Центарот за развој на северо-источниот плански регион за проектот Изградба на регионално туристичко биро со дополнителни активности  за уредување на излетнички места и зголемување на туристички капацитети. 

 
 
16.11.2015 - 14:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега