Докторите апелираат: Да се зголеми свеста кај граѓаните за потребата на антибиотици

Да се зголеми свеста кај граѓаните за потребата од одговорно користење на антибиотиците бидејќи нивната неправилна употреба доведува до зголемена антимикробна резистенција (отпорноста на бактериите кон лекови). Со континуирана работа и едукација на здравствените работници и на граѓаните може да се намалат овие антимикробни резистенции или антибактериски резистенции.

Ова беше истакнато на Националниот состанок на мрежата за централноазиски и источноевропски надзор на антимикробна резистенција во Република Македонија, а по повод одбележување на првата Светска недела за рационална употреба на антибиотици (од 16 до 22 ноември) под слоганот „Антибиотици: употребувајте ги внимателно“, и 18 ноември - Европски ден за рационално користење на антибиотици.

Никола Пановски од Институтот за микробиологија и паразитологија рече дека според податоците од мрежата од 2013 до 2015 година, Македонија се уште е меѓу земјите со најголем процент на резистенција на бактериите кон антибиотици.

- Најмала резистенција во Европа има во скандинавските земји кои три пати помалку употребувале антибиотици во последните 30 години отколку медитеранските земји, рече Пановски.

Посочи дека за настинки, грип и за вирусни инфекции пациентите не треба да вршат притисок на докторите за да им препишат антибиотици.

- Докторите веќе знаат дека не треба да препишуваат антибиотици. Доктор што нема да им препише лек не значи дека е лош доктор, туку напротив најверојатно е добар доктор, додаде Пановски.

Деканот на Медицинскиот факултет-Скопје, Никола Јанкуловски рече дека секогаш кога не се посветува внимание на антимикробната резистенција или на антибиотската резистенција секогаш има повеќе проблеми во здравството од аспект на продолжено лекување, некогаш и со повеќе компликации.

- Ова претставува јавно здравствен проблем и не е само проблем на здравството, туку е социјално-економски проблем на кој мора да внимаваме заради големите трошоци што се прават во едно општество. Апелираме да се зголеми свеста кај граѓаните заради тоа што само со континуирана работа, едукација и на здравствените работници и на граѓаните може да постигнеме заеднички успех да се намалат овие антимикробни резистенции, додаде Јанкуловски.  

На состанокот учествуваа членови на Здружението на микробиолози на Македонија, Мултисекторската комисија за контрола на антимиробна резистенција, поддржани од Министерството за здравство, Медицинскиот факултет, Институтот за јавно здравје на РМ, канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје и регионалниот центар за регионални истражувања Студиорум.

Голубинка Бошевска од Институтот за јавно здравје на Република Македонија рече дека во текот на оваа недела ќе се одржат: едукативен час во пет училишта во Скопје, како и предавања во пет клиники за состојбата со резистенција и рационалната употреба на антибиотици. На учениците и на здравствените работници ќе им биде поделен промотивен материјал

 
 
16.11.2015 - 14:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа