Реконструирани повеќе од 55 километри пруга на Коридорот 10

Последниве четири години имаме реконструирано повеќе од 55 километри пруга на Коридорот 10, како и повеќе од 30-40 црни точки кај Лисиче, Драчево, Кадина Река, Миладиновци, Романовце, Демир Капија, Ѓорче Петров, Јегуновце..., помеѓу Тетово и Гостивар, па и од Битола до Велес.

Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на МЖ Инфраструктура Ирфан Асани како одговор на обвинувањата од опозициската СДСМ која вчера во соопштение истакна дека македонските пруги се „скапани“.

- Можеби биле скапани во некое време или оставени да седат така 20 години како што е случајот од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце до Крива Паланка, но пред четиири години почнавме да ги рехабилитираме. Нормално дека не претендираме дека сме направиле се и оти сме ги завршиле сите работи, но сме направиле толку големи зафати што денеска значат многу, а тоа е можноста на возовите да сообраќаат од Гевгелија до Табановце со проектирана брзина од 120 километри на час, рече Асани.

Нашите пруги, додаде, се изградени и проектирани со брзина до 120 километри на час и повеќе не можеме да дозволиме.

- Гарантираме дека таму каде што возовите сообраќаат до 120 километри на час не е загрозена безбедноста ниту за 0,01 отсто. Значи, сто отсто безбедноста е гарантирана. Сите сме сведоци дека кај нас немаме несреќи од вид удирање на воз со воз, туку имаме несреќи кои се од хибридниот дел – вкрстување на пат со железничка инфраструктура , рече Асани.

Тој додаде дека само пред четири години имавме делници и делови каде што возот одеше побавно дури и од брзината на човекот кој оди пеш. Но, тоа, нагласи, е веќе заборавено.

- Имаме ситуација каде што поради многу чести дефекти и кражби се случувало да не работи сигурносниот сигнален систем, но исто така согласно правилниците имаме и таква можност кај што не се загрозува безбедноста на луѓето и на сите тие коишто го користат железничкиот сообраќај. Со поставување на камерите или видео надзор долж станиците, а во фаза сме на поставување таков видео надзор и во деловите на вкрстување на железница со инфраструктура и тие проблеми веќе ќе бидат минато. Три месеци по поставувањето на видео надзорот кражбите се сведоа на 10 или 9 отсто, што значи дека за три месеци ни се исплаќа целата инвестиција, потенцира Асани.

Прецизира дека новиот воз, кој вчера имаше промотивно возење, ќе се обраќа само на Коридорот 10, кој е електрифициран, а за Коридорот 8 и другите пруги ќе се користат дизел композиции. Од новите шест патнички композиции, како што нагласи, само две се електрични, а четири се дизел.

- Ниту еден регион од Македонија нема да биде пропуштен. Новите возови ќе сообраќаат и тие се наменети и купени за сите луѓе во Македонија без оглед дали се од една или друга етничка припадност или се од една или друга политичка партија, рече Асани.

Во наредните два до три дена, истакна, ќе биде целосно оспособена и пругата од Битола до Велес каде имаше опасност од одрони, а до крајот на 2016 година ќе биде готов и проектот за железничко поврзување со Албанија кога ќе биде готов и главниот проект за пругата на делот од Кичево – Албанија.

 
 
16.11.2015 - 16:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа