Расправа во Собранието за буџетот за 2016

Собранието на Република Македонија утре ќе ја продолжи расправата за Дополнетиот предлог буџет за 2016 година.

Во попладневниот дел од собраниската седница пратеникот Миле Андонов од СДСМ рече дека „структурата на буџетот за 2016, како и за претходните ги покажува едноличните социоекономски политики на власта“. - Сите овие години власта со овие политики ја зголеми невработеноста во реалниот сектор, ја задржа на исто рамниште или ја зголеми сиромаштијата во Македонија.Ја зголемивте администрацијата за околу 90.000,  го зголемивте буџетот на историски највисок износ, ги дуплиравте казните и долгот, наведе Андонов, посочувајќи оти  истовремено со тоа  се намалени  економскиот потенцијал на граѓаните и фирмите, домашните инвстиции.

Андонов оцени дека буџетот за следната година е нереален, неразвоен и нетраспарентен. Нереални се проекциите за приходите и планираните 100 милиони евра повеќе по основ на даноци, рече Андонов.

Реплицирајќи министерот за финансии Зоран Ставрески посочи дека Андонов изнел констатација  за зголемување на невработеноста во реалниот сектор  без да каже ниту една бројка. Тоа, потенцира, е стариот начин на презентирање економија без бројки, што се вика гола политика во која дискутирате за економија но ги  нема бројките, останале некаде во фиока затоа што ако ги кажете ќе се види дека  тезите не се издржани.

- Бројките покажуват дека меѓу 2006 и 2015 има 133.285 вработени лица, 27.944 лица во трговија, 19.184 лица во транспортот, информатичката технологија и комуникаците, 16.881 лице во преработувачката индустрија. Невработеноста  е спуштена од 37 проценти на 26 проценти, 16.881 лице се вработени  директно само во преработувачката индустрија, а вие велите дека невработеноста во реалниот сектор е зголемена. Во финансиските дејности има 6.994 работни места, во сите сектори има зголемување на вработеноста, рече Ставрески.

Во контрареплика Андонов рече дека буџетот за следната година не кореспондира со вработеноста во реалниот сектор.

Во реплика на ставовите на Андонов, Момчило Аврамовски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека се согласува дека се еднолични социоекономските политики на Владата, но, како што рече, поради тоа што секоја година се зголемува економскиот раст,  капиталните инвестиции, странските инвестиции, пензиите, социјалната помош, субвенции за земјоделците, извозот...

- Оваа Влада, за разлика од претходната привлекува, а не отфрла инвестиции, рече Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ.

Денеска е прв ден од  расправата за Дополнетиот предлог на буџетот за следната година, која според собранискиот деловник трае пет дена.

 
 
16.11.2015 - 18:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега