Претседателот Иванов на средби со Бокова и Жан

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов,  по денешното обраќање на лидерскиот форум во Париз, оствари одвоени средби со генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова и со генералниот секретар на Меѓународната организација на Франкофонијата, Микаела Жан, на кои беше изразена едногласна осуда на терористичките напади во Париз.

На средбата со Бокова, двајцата соговорници ја потврдија традиционално одличната соработка меѓу Република Македонија и УНЕСКО, и изразија подготвеност за нејзино проширување во насока на натамошна реализација на проекти, кои ја промовира‎ат Македонија како лидер за меѓурелигиски дијалог, соживот и почитување на различностите, соопшти Кабинетот на Претседателот.

На средбата се разменети мислења околу актуелните случувања во Македонија, регионот и Европа, информации за улогата на УНЕСКО во однос на бегалската криза,  како и за тековните реформски процеси,  но и предизвици во светската организација.

Претседателот Иванов и честиташе на Бокова за 70 годишниот јубилеј од основањето на УНЕСКО, и истакна дека Македонија и натаму ќе ја поддржува  улогата на УНЕСКО во промовирање на мирот и безбедноста, како активностите во заштита на светското културно наследство и културната разновидност, вклучително и заштитата на човековите права.

- Македонија ги поддржува програмите на УНЕСКО и плановите за развој на образованието, ‎и правиме исклучителни напори за зачувување на културно-историско наследство кое го поседуваме, рече македонскиот претседател.

Изрази благодарност за поддршката која УНЕСКО континуирано и ја дава на Република Македонија  и го поздрави отворањето на двете катедри на УНЕСКО на Филозофскиот факултет за интеркултурни студии и истражувања и Школата за медиуми, основањето повеќе клубови на УНЕСКО, вклучувањето на неколку училишта од Македонија во мрежата на УНЕСКО на „Здружени училишта“, како и впишувањето на две културни добра на репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото.

На средбата, се вели во соопштението, Бокова истакна дека присуството на претседателот Иванов на 70 годишниот јубилеј од основањето на УНЕСКО непосредно по терористичките напади во Париз доволно говори за одговорниот пристап и вниманието кое претседателот Иванов го посветува на УНЕСКО, но и за солидарноста кон францускиот народ. Посебен акцент во разговорите е ставен на улогата на младите, и подготовката на млади лидери за иднината во сите области на живеењето. Бокова упати честитки за вниманието кое претседателот Иванов го посветува преку Школата за лидери и ја прифати поканата да учествува на Школата. Двајцата соговорници се согласија дека образованието за сите е клучно во справувањето со сите предизвици, со кои денес се соочува човештвото.

На средбата со генералниот секретар на Меѓународната организација на Франкофонијата, македонскиот претседател и честиташе за преземањето на оваа функција и истакна дека Македонија активно ја поддржува оваа асоцијација во нејзините активности насочени кон решавање на кризи, спречување конфликти и поддршка на земјите во зајакнувањето на правната држава и развојот на демократијата.

- Генералниот секреатар на Меѓународната организација на Франкофонијата, стои во соопштението, изрази задоволство од средбата со претседателот Иванов и се заблагодари за ангажманот на Република Македонија во промоција на вредностите на мирот, демократијата, човекови права, толеранција, солидарност, јазична и културна разновидност.  Посочувајќи ја свесноста за потребата од јакнење на присуството на францускиот јазик, претседателот Иванов на средбата порача дека Република Македонија и натаму ќе вложува напори за афирмација на франкофонските вредности и на францускиот јазик, што традиционално се негуваат во нашата земја. На овој план неопходна е поддршка и поинтензивна соработка со МОФ, посочи Иванов, кој упати покана до генералниот секретар Жан да ја посети Македонија и да учествува на Меѓународната школа за млади лидери, што на годишно ниво се одржува по иницијатива на македонскиот претседател.

Микаела Жан, го поздрави и назначувањето на личниот претставник во Постојаниот совет на Франкофонијата од страна на претседателот на Република Македонија.

Република Македонија е полноправна членка на Меѓународната организација на Франкофонијата од  2006 година, а македонското учество во Франкофонијата позитивно се одразува и врз севкупните односи и соработката со Француската Република.

Во рамки на учеството на лидерскиот форум на УНЕСКО, претседателот Иванов денеска  оствари неформални средби и со претседателот на Бугарија, Росен Плевнелиев, како и со поранешниот Генерален директор на УНЕСКО, Коичиро Мацура.

 
 
16.11.2015 - 21:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега