Продолжува трендот на висока ликвидност на банките

Од Народната Банка на Република Македонија информираат дека вчера се одржала редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на која биле разгледани најновите движења на меѓународните финансиски пазари, податоците за банкарскиот сектор заклучно со мај 2013 година, ликвидноста во банкарскиот систем и движењата на домашните финансиски пазари во јуни 2013 година и најновите макроекономски показатели.

-Последните макроекономски показатели за евро-зоната објавени во јуни се пооптимистички и укажуваат на можноста за подобра економска активност во втората половина од годината. Сепак, во услови на натамошно бавно закрепнување на европската економија, и натаму постои неизвесност на финансиските пазари, поради што Европската централна банка продолжува да спроведува приспособлива монетарна политика. Во САД, економската активност закрепнува со солидна динамика и поради тоа, американската економија повторно ја презема улогата на двигател на економскиот раст на глобален план, што досега ја имаа брзорастечките економии, информираат денеска од НБРМ.

Заклучно со јуни 2013 година, продолжува трендот на одржување висока ликвидност во банкарскиот сектор, при што банките за надминување на ликвидносните флуктуации активно ги користат монетарните инструменти и тргуваат на меѓубанкарскиот пазар на пари.

Анализите, стои во соопштението, покажуваат дека најновите макроекономски движења не се разликуваат значително во однос на априлските проекции. Најновите показатели за економската активност укажуваат дека постои можност БДП да се задржи во зоната на позитивни стапки на растот во текот на второто тримесечје. И понатаму се очекува дека закрепнувањето нема да биде доволно силно за да предизвика поголеми притисоци во економијата преку каналот на побарувачката. По падот на цените во мај, во јуни тие повторно се зголемија, заради повисоките цени на храната. Сепак, просечната инфлација за вториот квартал и натаму е во рамки на очекувањата, а со тоа се задржуваат и оценките за годишната инфлација проектирана на 2,8 проценти. Девизните резерви се намалија, што претставува вообичаено сезонско движење, а интензитетот на намалување е во согласност со очекувањата. Показателите за адекватност на резервите и понатаму укажуваат на ниво на девизни резерви што е доволно за справување со евентуални, непредвидени шокови.

Од аспект на најновите првични монетарни податоци, заклучно со јуни, забележано е мало раздвижување на кредитната активност, при што годишните промени упатуваат на побрзо зголемување на кредитите на населението од кредитите на претпријатијата, кои имаа забавен раст. Сепак, растот на кредитите е во согласност со проектираниот, при што проекцијата за 2013 година и натаму е придружена со надолни ризици, особено имајќи ги предвид послабиот монетарен раст во однос на очекуваниот, процесот на финансиско раздолжување на матичните банки од евро-зоната како и присутните согледувања за ризик на банките. Депозитната основа и натаму е на стабилно ниво, при што се уште е присутен трендот на побрз раст на денарското штедење во однос на штедењето во девизи. Ризиците и понатаму се присутни, но сепак дел од нив се ублажени преку монетарните мерки преземени од страна на НБРМ во текот на јули.

Неизвесното глобално окружување и понатаму е основен ризик за макроекономските проекции, што, како што се наведува во соопштението, се согледува преку повторно послаби оцени за странската побарувачка и пониски цени на металите на светскиот пазар. Воедно, базичната инфлација и понатаму е на релативно високо ниво, сигнализирајќи поголеми пренесени ефекти од растот на цените на храната и енергијата врз останатите цени во економијата. 

Во соопштението се наведува дека преземањето дополнителни мерки во текот на јули од страна на НБРМ придонесе за ублажување на дел од идентификуваните ризици, особено ризиците за надворешната позиција и кредитниот раст. Се очекува дека извршената промена кај инструментот задолжителна резерва ќе го намали ризикот од понатамошно стеснување на распонот меѓу приносите на денарското и девизното штедење. Воедно, во услови кога повторно зајакнаа ризиците од можно понеповолно надворешно окружување, се очекува дека оваа мерка ќе го стимулира приливот на долгорочен капитал од надвор и ќе ги ублажи постоечките ризици за надворешната позиција.

Во услови кога макроекономските показатели се движат во проектираните рамки, а дел од постоечките ризици се ублажени со веќе преземените мерки на НБРМ во јули, од оцената на економските и финансиските услови во економијата се согледува дека има простор за дополнително монетарно олабавување преку намалување на каматната стапка. Оттука, на седницата на Комитетот беше одлучено на аукцијата на благајнички записи да се примени тендер со ограничен износ на понуда и фиксно утврдена каматна стапка од 3,25 отсто, што претставува намалување од 0,25 п.п. во однос на тековната, максимално утврдена каматна стапка на благајничките записи од 3,50 отсто.

На месечната седница на Комитетот се донесе одлука за соодветно намалување на каматната стапка на расположливите депозити на седум дена, на ниво од 1,50 процент. На ваков начин, монетарната политика му дава дополнителна поддршка на процесот на економско закрепнување, преку основниот монетарен инструмент кој се сведе на историски најниското ниво, со што се стеснува просторот за натамошно влијание во оваа насока преку овој инструмент. НБРМ ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика.

најчитано сега