Димовски: Зголемувањето на казните за медиумите не е став на ВМРО-ДПМНЕ

Глобите за медиумите се во согласност со Законот за прекршоци којшто предвидува намалување односно нивно нивелирање, изјави денеска Илија Димовски, претставник на ВМРО-ДПМНЕ во Работната група, која разговара за медиумите во согласност со Договорот од Пржино.  

- Она што ние како политичка партија го застапуваме на овие разговори е во линија на тоа што организациите го соопштуваат, а тоа е во согласност со Законот за прекршоци намалување односно нивелирање на глобите. Оние субјекти коишто имаат поголеми приходи и поголем број вработувања ќе имаат одреден поголем процент од тоа што е пропишано како глоба, а помалите следствено на тоа помали, што значи ефективно намалување на глобите во согласност со веќе усвоениот Закон за прекршоци, изјави Димовски по прес-конференцијата на неколку медиумски организации.

Оние предлози за зголемување на казните за кои што се дискутира, како што кажа, не се став на ВМРО-ДПМНЕ туку се став на некоја од другите три политички партии предложени на Работната група.

Концептот што ВМРО-ДПМНЕ го промовирал на овие разговори, според Димовски, е стимулирање и поддршка на саморегулацијата помеѓу новинарите, во секоја редакција и, генерално, како проблематика во Република Македонија, од аспект на постигнување повисоки стандарди, етика и одговорност во обавување на оваа професија.

Околу темата за интернет порталите Димовски рече дека во овој момент има различни ставови и во работната група, но и во ВМРО-ДПМНЕ.

- Се уште се гледаат различни аспекти на таа проблематика, се гледаат меѓународни искуства. Има држави каде што е направено тоа и каде што не е направено тоа. Самата проблематика на Интернет просторот е комплицирана, изјави претставникот на ВМРО-ДПМНЕ во Работната група.  

Претставниците на медиумиските организации побараа од Димовски да бидат вклучени во разговорите, на што тој одговори дека ВМРО-ДПМНЕ досега имале консултации со претставници на многу организации на новинарите и медиумите, на национално и на локално ниво.

- Слободата на медиумите и нивното функционирање е јавен интерес, не е само интерес на политичарите ниту само на новинарите, е интерес и на стопанството и на синдикатот, на верските заедници... Собравме доста видувања и размисли така што планираме до крај на целиот процес да го правиме тоа. Како ВМРО-ДПМНЕ немаме проблем со кој било поединец од вашата фела, без разлика дали е репрезентативно или не да ги разгледуваме овие проблематики, изјави Димовски. 

 
 
20.11.2015 - 14:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега