Ванхауте очекува законите за медиумите да бидат донесени до крајот на следната недела

Белгискиот експерт Питер Ванхауте денеска пред почетокот на средбата на Работната група за медиумите рече дека од особен интерес е од овие разговори да произлезат долгорочни одржливи решенија, а не брзи и краткорочни промени.

Ванхауте рече дека очекува до крајот на следната недела да бидат донесени соодветните измени на законите кои се однесуваат на медиумската сфера и со тоа да завршат разговорите за овој дел од Договорот во Пржино. Измените главно ќе се однесуваат на медиумскиот регулатор, пристапот до јавни информации и на клеветата. Целиот пакет закони, според медијаторот, треба да биде подготвен за во Парламентот за следниот петок.

Смета дека кадровските смени не се решение за состојбите и вели дека е задоволен што разговорите се водат за особено важни прашања како медиумскиот регулатор, Советот на МРТ и други.

На прашање дали се прифаќаат неговите предлози, рече дека разговорите се процес, но, како што кажа, се зголемува разбирањето дека не може да се унапреди системот само со менување на некои луѓе.

 - Потребни се експерти, независни и навистина компетентни луѓе кои ќе им служат само на медиумите. Овде видов многу компетентни луѓе, новинари кои треба да ги поддржиме во следните месеци, рече Ванхауте.

Медијаторот исто така рече дека не треба се во медиумите да се регулира и оти не може да се регулира колку луѓе треба да вработи приватен медиум и каква програма да емитува. 

Медиумската сфера е дел од разговорите на претставниците на четирите политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА во согласност со Договорот од Пржино.

 
 
20.11.2015 - 14:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега