Хрватска и Словенија против создавање на „мигрантски џебови“ на Балканот

Мораме да настојуваме да спречиме создавање на „мигрантски џебови“ во секоја држава, во која би се задржале поголем број на бегалци отколку што може таа држава да ги згрижи во текот на зимата, истакна претседателот на Словенија Борут Пахор на средбата со хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, која пак порача дека решението треба да се бара на грчко- турската граница.

Претседателот на Словенија Борут Пахор и хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ во Љубљана разговараа за претстојниот Самит на претседатели на процесот  Брдо- Бриони, како и за мигрантската криза која ќе биде тема на тој состанок во среда, 25 ноември во Загреб.

На денешниот состанок со Китаровиќ, Пахор рече дека сака во декларацијата да се усвои заедничка оценка дека за успешно решавање на мигрантскиот бран на балканскиот мигрантски пат, е клучно смалувањето на бројот на бегалци.

-Претседателката ја информирав дека по мое мислење, задача на словенечките власти е во разумен рок да воведат вообичаен ред на шенгенската граница, рече Пахор и додаде дека очекува Владата на Словенија тој ред да го воспостави во целина.

Пахор истакнал дека Словенија тоа може успешно да го спроведе само со договор со Хрватска.

-Искрено, мораме да настојуваме на договорите да се спречи создавање на мигрантски џебови во секоја држава, во која би се задржал поголем број на бегалци отколку што таа држава може да згрижи во зимно време, потенцира Пахор.

Двајцата колеги разговарале и за тоа како постепено да го намалат бројот на мигранти се до „изворот“, односно до надворешните граници на Европската унија.

Хрватската претседателка во однос на прашањето со мигрантската криза истакнала дека тоа треба да се реши во духот на солидарноста меѓу членките на ЕУ и останатите држави.  

Говорејќи за одлуките на Словенија за мигрантската криза и поставување на огради на границата со Хрватска, Грабар- Китаровиќ нагласила оти ја разбира потребата Словенија да ја заштити својата територија, населението и границата.

Таа, решението на мигрантската криза го гледа на грчко- турската граница и смета дека одговорноста за селекција на оние кои имаат право на помош треба да се префрли на надворешните граници на ЕУ.

Инаку, во Загреб на вонредното заседавање на процесот Брдо- Бриони, дискусијата за прв пат ќе биде посветена на безбедноста.

Покрај претседателите на државите на Западниот Балкан на Самитот ќе учествуваат американскиот потпретседател Џозеф Бајден, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и претседателот на Австрија Хајнц Фишер.

 
 
23.11.2015 - 21:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега