Странските директни инвестиции во владеењето на ВМРО ДПМНЕ се 3 пати повисоки во однос на владеењето на СДСМ

Согласно последните податоци на НБРМ, странските директни инвестиции кумулативно за периодот 2007–август 2015 изнесуваат 2,3 милијарди евра и се за 1,5 милијарди евра повеќе споредено со СДИ во 10-годишниот период на владите на СДСМ. Доколку се изземе приватизацијата на ЕСМ во износ од 225 милиони евра и продажбата на 10% од акциите на Македонски телекомуникации во износ од 60 милиони евра, вкупните СДИ во времето на сите влади на СДСМ изнесуваат 768 милиони евра.

Според тоа, СДИ во владеењето на ВМРО ДПМНЕ се 3 пати поголеми во однос на владеењето на СДСМ (2,3 милијарди евра наспроти 768 милиони евра).

Ова е резултат на Владините политики за привлекување СДИ. Над 30 гринфилд инвестиции се реализирани во изминативе години во нови сектори кои создаваат поголема додадена вредност и производство, поголем број вработени и позитивно влијаат на зголемување на извозот и придонесуваат за поголем економски раст. Ова значи дека во изминатиот период структурата на СДИ е подобрена, бидејќи се реализираат инвестиции во сектори кои се на повисоко ниво на технолошка развиеност, за разлика од дел од земјите во регионот каде СДИ се главно во недвижности и концесии.

За разлика од сега, до 2006 година немаше ниту една странска директна гринфилд инвестиција. Тогаш странските инвеститори во Македонија влегуваа преку процесот на приватизации или аквизиции во секторот на енергетика, телекомуникации, банкарство и слично и беа присутни на локалниот пазар, но не и на надворешниот пазар.

Сега, благодарение на политиките за привлекување на СДИ од страна на Владата на ВМРО ДПМНЕ, во ТИРЗ и индустриските зони, работат познати компании како Џонсон Мети, Џонсон Контролс, Кемет електроникс, Ван Хул, Дрекселмајер, Кромберг и Шуберт итн. Во овие компании се  вработени над 15.500 лица. Со ново најавените инвестиции овој број во наредните години се очекува да се зголеми на над 33 илјади лица.

Согласно последните податоци, заклучно со 20 ноември, извозот од компаниите кои работат во ТИРЗ има надминато 1,3 милијарди евра, или 36% од вкупниот извоз на Република Македонија.Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, неодамна рече дека благодарение на СДИ Македонија е една од ретките земји во светот која има суфицит со Германија. Според Државниот завод за статистика заклучно со септември 2015 година, трговскиот суфицит помеѓу Македонија и Германија изнесува 801.9 милиони евра, односно Македонија извезла стоки во вредност од 1.307 милиони евра во Германија, а увезла стоки во вредност од 505 милиони евра.

„Извозот е огледало на конкурентноста на економијата. Делови кои се произведени во Македонија, во фабриките во зоните, се вградуваат во најновите германски возила како Мерцедес, БМВ, Ауди. Порано извезувавме само земјоделски производи, тоа е разликата. Тоа говори дека на странските пазари Македонија е поконкурента земја“, рече Ставрески.

Дополнително ако се анализира вкупниот извоз од Македонија согласно последните податоци на Државниот завод за статистика може да се забележи дека извозот на машини и транспортни уреди во деветте месеци од годинава е зголемен за дури 27 проценти во однос на минатата година.

-Во последните осум години сме посветени на привлекување странски директни инвестиции, без разлика дали се гринфилд инвестиции или сервисна индустрија како ИТ и на тој начин креираме поголема додадена вредност, подобрување на трговскиот баланс, привлекување компании кои се глобални брендови од своите индустрии кои дополнително придонесуваат за подобрување на брендот и меѓународниот имиџ на Македонија, вели Виктор Мизо, директор на Агенцијата за технолошко индустриски развојни зони.

До крајот на годината се очекува официjализирање на уште неколку одлуки за инвестиции во Македонија.

 
 
24.11.2015 - 11:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега