Груевски на Самит во Кина: Македонија подготвена за нови заеднички инфраструктурни проекти

Претседателот на Владата на РМ Никола Груевски, денеска заедно со владина делегација во чиј состав се вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски и заменик министерот за економија Христијан Делев, учествуваше на 4-тиот Самит на шефови на влади на земјите на Централна и Источна Европа и НР Кина (16+1) и 5-тиот Економско-трговски форум што се одржува во градот Суџоу, Народна Република Кина.

Премиерот Груевски имаше свое обраќање на Самитот на шефови на влади каде се присутни 16 делегации од држави од Источна и Централна Европа и домаќинот, кинескиот премиер Ли Кечијанг.

-Република Македонија е првата држава која потпиша конкретен договор за искористување на дел од предвидените средства за овој регион, имплементирани во изградбата на двете нови автопатски делници Скопје-Штип и Кичево-Охрид кои во моментов се во фаза на изградба, истакна премиерот Груевски.

Македонскиот премиер се осврна и на можностите за идна соработка и реализација на проекти кои се од големо значење за државата и регионот.

-Низ територија на Македонија минуваат важни европски коридори и постои голем интерес нашата земја да се вклучи во нови заеднички инфраструктурни проекти во рамките на Процесот на соработка 16+1. Македонија успева да сочува стабилна макроекономска политика и да постигнува одлични резултати признати од реномирани меѓународни финансиски институции. Владата на Република Македонија е цврсто посветена на привлекување на странски инвестиции, и е отворена за кинеските инвестиции, изјави Груевски во своето обраќање. 

Тој ја изрази и увереноста дека со заеднички заложби ќе се унапреди севкупната взаемна соработка меѓу Република Македонија и НР Кина, во интерес на економската стабилност, заедничкиот просперитет на регионот и благосостојба на народите.

 
 
24.11.2015 - 13:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега