Двајца скопјани во ендек еден во нива - се пролеа крв на патот Скопје - Тетово

Три повредени лица и поголема материјална штета се последиците од двете сообраќајки што попладнево се случија на автопатот Скопје-Тетово како последица на неприлагодената брзина и лизгавиот коловоз, информира портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Според неговите податоци, првата сообраќајка се случила во периодот помеѓу 16 часот и 30 минути и 17 часот во близина на ресторанот Два Фазани во близина на Сараќино при што автомобил Голф 4 со скопски регистарски таблички управуван од Б.С.(36) од Скопје удрил одзади во автомобил Сеат Ибица управуван од Б.Р.(22) од Копанце. Б.Р. од ударот се здобил со лесни повреди и по укажаната лекарска помош во тетовската клиничка болница бил пуштен на домашно лекување. Голфот по судирот продолжил неконтролирано да се движи, ја пробил банкината покрај автопатот и завршил во нива, но за среќа возачот поминал без повреди.

Втората несреќа се случила околу 17 часот и 30 минути во близина на Групчин при што З.Б.(24) загубил контрола на автомобилот Пежо 206 што го управувал по што автомобилот излетал од патот и се превртел. Возачот и неговата сопатничка А.М.(23) од Скопје се здобиле со лесни телесни повреди и по укажаната помош во тетовската болница биле задржани за понатамошни набљудувања на состојбата. Според првичните неофицијални податоци тие оделе на одмор во Охрид. Полицијата извршила увид и на двете места и првично како причина и за двете сообраќајки е неприлагодена брзина спрема условите на патот и влажен коловоз како последица на врнежите од дожд, рече Јосифовски.

најчитано сега