Ахонен: Македонија лесно може да стане ИТ лидер - Владата ја разбира иднината

Томи Ахонен, светски познат мотивациски говорник и автор на бестселери за мобилната технологија, смета дека ИТ секторот и мобилната технологија можат да го динамизираат развојот на Македонија. Според него во овие индустрии доминираат младите, со кои нашата земја располага, објави Лидер.

Патувате низ светот, посетувате многу самити и конгреси. Какви се вашите импресии од Самитот „Македонија 2025“?

Ме импресионираше квалитетот на говорниците. Беа многу квалитетни во однос на разгледувањето на различни аспекти на севкупната иднина на индустриите во развој. Мојот домен е мобилната и дигиталната технологија и беше одлично покриен, беа разгледани обработката во облак, интернетот, големи количини на податоци… За мене, ова беше одлично организирана конференција со одлична содржина.

Каков потенцијал има Македонија за развој на ИТ индустријата? Каде ја гледате земјата за 10 години?

Македонија е способна да ја искористи оваа можност. Сега треба да се фокусира и да избере области во која Македонија сака и може лесно да стане светски лидер.

Како до подобро позиционирање на македонските ИТ компании на глобалниот пазар?

Дел е да се постигне некаква лидерска позиција во некоја област. Тоа може да биде плаќањето, дигиталниот идентитет или која било област… аутсорсинг или слично, да најде лидерска позиција и потоа да ја прошири на уште неколку конкурентни области и бизниси на кои им е потребна таа способност. На пример, ако е тоа дигитален превод, ако можеме да го постигнеме тоа овде, заедно со соседните земји… на сите во Европа им е потребен превод на овој или оној начин, па може да биде лесен начин за проширување и излегување од Европа.

Како ја оценувате поддршката на македонската Влада и мерките за подобрување на условите за водење бизнис?

Тоа беше една од работите што ме привлекоа на оваа конференција, затоа што веќе сум ја видел. Македонската влада има доста сработено, значително повеќе од многу други  европски земји, во однос на тоа како да помогне во растот со образованието, законодавството, индустријата итн… Се разбира дека може и повеќе, но во моментов гледаме големи промени во индустријата, големи промени во начинот на кој луѓето работат. Затоа ни е потребна влада што ја разбира иднината и помага земјата да стигне до таму. Некои влади имаат пристап на запирање на еволуцијата и забавување на  промената. Овде мислам дека гледам влада што ја разбира иднината и разбира дека нацијата треба да се подготви за таа иднина.

Автор сте на десетина книги за мобилна технологија, каква иднина ѝ се предвидува?

Мобилната технологија денеска досега до џебот на секој човек на планетава. Секој што може да си дозволи шолја кафе, секој што може да си дозволи весник има мобилен телефон. Во наредните пет години, секој нов мобилен телефон продаден на планетава ќе биде смартфон. Тогаш сите ќе имаат мал компјутер во џебот. По неколку години, дури и старите „нокии“ кои се многу основни телефони веќе нема да бидат во употреба и сите ќе се префрлат на смартфоните. Ако ја погледнеме иднината, ќе имаме плаќање преку мобилен, купување авионски билети, возачки дозволи. Во Дубаи возачката дозвола е веќе на мобилен телефон, па веќе не ви треба пластичната картичка. Наскоро ќе биде и пасошот. Во Естонија веќе гласаат преку мобилен телефон на националните избори. Вакви џиновски промени ќе ги зафатат здравството, образованието, вестите, забавата.

 

 
 
26.11.2015 - 10:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега