Курир: Спасовски продолжува да ја манипулира јавноста

Службените возила на МВР забележани на синоќешната партиска трибина на СДСМ во Крива Паланка, според техничкиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски воопшто не биле таму, пишува Курир.

Спасовски денес тврди дека на трибината дошол со партиско возило, но одби да и објасни на јавноста што барале во Крива Паланка џиповите со кои располага неговиот кабинет.

Дел од медиумите вчера вечерта објавија дека граѓаните на Крива Паланка се пожалиле на засиленото полициско присуство и поголем број на службени возила, иако не се случил никаков инцидент со посериозен безбедносен ризик. Тие испратија до медиумите повеќе фотографии на кои јасно се гледа и џипот во кој изминативе недели можеше да се забележи Спасовски.

На местото каде се одржувал партискиот настан на СДСМ забележани биле повеќе припадници на МВР кои според граѓаните се дел од неговото обезбедување. Спасовски денес не објасни дали се исплашил од членовите на неговата партија или пак постоел друг посериозен ризик по неговата безбедност во Крива Паланка.

Министерот за внатрешни работи одби да прокоментира и дали лицата од обезбедувањето биле ангажирани со наредба да го придружуваат на партиска трибина, односно колку ваквиот ангажман ќе го чини МВР на име на дополнителен трошок за прекувремени часови.

Доколку навистина Спасовски бил со партиско возило, а лицата ги злоупотребиле возилата од неговиот кабинет и самоиницијативно се појавиле на партиска трибина, останува Спасовски да поднесе претставка против нив до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди.

Дополнително ваквото однесување не е прв пат откако Спасовски влезе во МВР. Медиумите во неколку наврати досега пишуваат за неговото и луксузирањето на неговите соработници.

 
 
07.12.2015 - 19:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега