Кој се закити со наградата „Св. Климент Охридски“

Државните награди „Св. Климент Охридски“ за 2015 година за највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштита и унапредување на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Македонија, денеска им беа врачени на проф. д-р Горан Ајдински, проф. д-р Ратомир Грозданоски, на Раде Силјан и на доц. д-р сци. Аспазија Софијанова.  

За остварување во областа на воспитанието и образованието наградата ја добија проф. д-р Горан Ајдински, дефектолог и проф. д-р Ратомир Грозданоски, теолог, библист и филолог, додека за остварување во областа на културата и уметноста наградата му беше доделена на Раде Силјан, поет, литературен критичар и есеист. За остварување во областа на здравството наградата ја доби доц. д-р сци. Аспазија Софијанова-педијатар. 

Наградите на добитниците на наградите им ги врачи Академик Витомир Митевски, претседател на Одборот за доделување на наградата, кој во обраќањето по овој повод говореше за делото и големото значење на „Св. Климент Охридски“.

Обраќајќи се во име на добитниците на наградите Раде Силјан, пред присутните гости меѓу кои и архипиескопот охридски и македонски г.г. Стефан, истакна дека кога се слави името и делото на Св. Климент Охридски всушност го славиме македонскиот духовен и историски континуитет низ вековите.

- На овој светол празник се навраќаме на традицијата за побргу да се препознаеме во сегашноста. Големото светиклиментово дело е препознатлив белег за Македонците, тоа е сврзното  ткиво за нашиот духовен идентитет, непроценливо богатско и наследство по кое се препознаваме како длабок народ, со длабоки корени. Климентовите наследници, писатели, доховници, светители, градители фрескосликари и резбари го продолжиле неговото дело и создавале нераскинлива историска врска, рече меѓу другото Раде Силјан. 

 
 
08.12.2015 - 13:33
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега