СКАНДАЛ: Личните карти на Фокус биле смислена манипулација

Нови сознанија за случајот со т.н. фалсификувани лични карти излегуваат на површина. Како што веќе објави Press24 , добиени се нови податоци кои укажуваат дека т.н. афера околу личните карти е всушност нечија манипулација.

Врз основа на наредба на Јавното обвинителство била обезбедена писмена и електронска документација од Државната изборна комисија. Од увидот во електронската документација било утврдено е дека ниту една од 105 фалсификувани лични карти кои неделникот „Фокус“ ги предал на МВР не била употребена за гласање.

Според тврдењата на „Фокус“ ова биле само мал дел од наводно 30.000 фалисификувани лични карти кои биле злоупотребени за изборите. „Фокус“ веќе еднаш излезе со слична приказна и за фалсификувани патни исправи, со која требаше да се оправда огромниот пораз на СДСМ на минатите избори.

Направени се проверки и во системот за интегрирано гранично управување. Ниту една од овие лични карти не биле употребени на ниту еден граничен премин за влез и излез низ границите на земјава.

Со наредба на Јавното обвинителство биле извршени проверки и во правниот сообраќај кој се однесува на отворање фирми и други деловни односи. Било утврдено дека ниту една од овие лични карти не била употребена и за таа намена.

После овие сознанија се отвора прашањето кој ги фалсификувал и со која намера тие лични карти. Првично неделникот „Фокус“ и техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски тврдеа дека тие биле употребени за избори.

Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати го повикаа Спасовски да не молчи за случајот да открие што конкретно дознале и дали спровеле истрага, бидејќи Македонија заслужува фер избори без никаква дамка.

„Јавноста бара информации зошто Оливер Спасовски прикрива кој стои зад наводниот скандал кој го обелодени „Фокус“. Јавноста бара информации кои се членовите на Избирачките одбори што им овозможиле на лицата со фалсификувани лични карти да гласаат на избирачките места. Јавноста бара информации каде се изработени фалсификуваните лични карти и кој ги координирал активностите. Оливер Спасовски мора да одговори зошто прикрива каде се уште 29. 900 фалсификувани лични карти“, апелира деновиве ВМРО-ДПМНЕ.

 

Спасовски, пак, одговарајќи на пратенички прашања, не даде конкретен одговор што открила истрагата.

 
 
09.12.2015 - 10:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега