Тутунарите задоволни од повисоките откупни цени за тутунот

Повисока откупна цена за килограм тутун ќе добијат годинава тутунопроизводителите. Годинава просечната цена на килограм тутун се очекува да се движи од 170 до 185 денари, додека лани просечната цена достигна 117 денари. Повисоките цени се резултат на помалото производство на тутун годинава, а поголемата побарувачка, пишува Лидер.

Квалитетот ја диктира цената

-Оваа година имаме неспоредлив квалитет од порано, имаме многу подобар квалитет. Тутунарите се борат за секое едно ливче да не остане на нивата оти од него очекува егзистенција за наредната година да преживеее и да почне со инвестиции од февруари. Согласно со нашите вложувања од 1 декар не чини 24 000 денари, а тоа е од спремање на расад, одгледување и се она што е потребно за примарното производство. Ако не постои субвенцијата од 60 денари јас верувам дека ова наше производство ќе опадне бидејки младиот свет не сака тутун, а со овие средства односно субвенции, тутунарите си имаат пресметка, затоа што со овие пари се покриваат трошоците, вели за Лидер Данчо Милевски, тутунопроизводител од Прилеп.

Субвенциите се од непроценливо значење за тутунарите

Засега откупот на тутунот се одвива во најдобар ред и досега е постигната просечна цена од 177 денари. Најголем дел од производителите се задоволни со реалното вреднување на квалитетот и на класите, рече заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски по неодамнешната посета на откупните пунктови на Сокотаб и на Тутунскиот комбинат во Прилеп. Костадиновски нагласи дека земјоделскиот инспекторат го следи откупот и повика секоја неправилност веднаш да се пријави. Владата ги подготви и субвенциите за исплата по завршувањето на откупот.

-Досега, просечната откупна цена е околу три евра по килограм тутун. Во наредниот период цената може да се зголеми, зашто сега се носат првите, пониски класи. Уште еднаш ги повикуваме откупувачите реално да го ценат тутунот, зашто инспекоратот со зајакнати тимови будно ќе ја следи ситуацијата на теренот. Битно е навреме да се отворат и сите откупни места и релно да се откупи тутунот, реално да се процени и побрзо тутунопроизводителите да си ги добијат субвенциите за произведените 22.000 до 23 000 тони, посочи заменик-министерот.

Околу 23 милиони евра се предвидени со програмата за поддршка, но, Владата, како што нагласи Костадиновски, не застанува тука. Постојано ќе биде во комуникација со земјоделците и доколку има проблем, ќе реагира навреме за да бидат задоволни земјоделците и да биде откупот во најдобар ред. Според Костадиновски, изминатите четири години во Прилеп и во Кривогаштани на тутунарите им се исплатени вкупно 1,8 милијарди денари или 30 милиони евра се слеани на сметките на земјоделците.

-Секоја година се одвојуваат средства за поддршка на сите 29.000 тутунари, за тие нормално и достоинствено да егзистираат од производството на тутун, рече заменик-министерот.

Генералниот директор на Прилепскиот тутунски комбинат Александар Дерменџиев, пак, истакна дека нивните кооперанти во рок од седум дена по преземањето на родот ќе си ги земат парите.

-Освен градскиот, деновиве ќе ги отвориме и 13-те пункта во населените места и ќе се зголеми интензитетот на откупот. Пари има за исплата и наместо до 30 дена, тутунарите-кооперанти парите ќе си ги добијат во за седум дена од преземањето на родот, информира Дерменџиев.

Годинешната реколта е за осум илјади тони тутун помалку од лани. Според проценките на почетокот на откупнта сезона на 154 откупни пунктови, откупувачите треба да превземат 25.700 тони тутун од над 28.000 тутунари.

Статистика

Производството и трговијата на тутун и тутунски производи учествуваат со 3,2% во бруто домашниот производ.
Тутунската индустрија учествува со 4% во вкупното индустриско производство и со 4,1% вработувања во вкупната индустрија.Во вкупната површина под индустриски култури тутунот учествува со 78%.
Тутунот е застапен на просечна површина од околу 15.430 ха (2007-2014) со 8-годишен просек на производство од околу 23.400 тони.

 
 
11.12.2015 - 10:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега