Кавадарчани правеле колбаси па запалиле цела шума

Несовесни ловци печеле колбаси на паузата од ловот, го оставиле огнот да тлее и предизвикале пожар среде високостеблеста дабова, букова, борова и елова шума, на околу 1.300 метри надморска височина на планината Кожуф, на непристапен терен.

Пожарот избувнал и покрај ниските температури, влажната почва и временски прилики кои најавуваат снежни врнежи на неколку дена пред официјалниот старт на зимата. Информацијата денеска ја потврди Петко Ристовски, шеф по заштита на шуми во „Бор“, подружницата на „Македонски шуми“ во Кавадарци. 

- И ние се изненадивме од ваквата ситуација. Пожарот бил забележан во неделата попладне, по 17 часот и пријавен од чуварот на рудник на Кожуф. Веднаш излеговме на увид на местото и се зафативме со локализирање на пламените јазици кои имаа формирано своевидни енклави, гореа од неколку жаришта. Се гаснеше и вчера. Несреќата беше во тоа што се работи за јужна позиционираност на местото каде што настана пожарот и присуството на сува трева и исушени попаѓани листови кои му дадоа поддршка на огнот и придонесоа за негово ширење, рече Ристовски.

Пожарот бил локализиран вчера околу 16 часот.

- Успеавме да ја сочуваме високостеблестата шума, а изгореа само сувата трева и исушените паднати листови, појасни Ристовски. 

Но, како што додаде, несовесните ловџии предизвикаа материјална штета врз работењето на подружницата, затоа што дополнителниот ангажман за гаснење на пожарот бараше и дополнителни финансиски средства.

Пожарот најверојатно е предизвикан од несовесни ловци, што може да се констатира од огништето во планината, расфрланите стапчиња на кои биле печени месото од зајаците и колбасите, како и празните конзерви. 

Инаку пожарот бил во атарот на локалитетот Васов град, во месноста викана Меловите, во мрежичкиот дел од Поткожувјето. Зафатени биле околу четири хектари површина. 

 
 
15.12.2015 - 09:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега