Заштитник на сиромашните, чувар на морепловците: Секое второ семејство го има Свети Никола за слава

Свети Никола или Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски се смета за заштитник на морињата. На христијанските бродови обично се наоѓа иконата на светителот, а спроти денот на славењето бродовите застануваат каде и да се наоѓаат, се фрла сидрото во морето, морнарите ќе се помолат и ќе прославуваат цел ден, а утредента ќе го продолжат пловењето. На иконите Свети Никола се претставува со својата архиерејска одежда.

По смртта на неговите родители кои што биле многу богати сето богатство што го наследил Свети Никола, го разделил на сиромасите, но тоа го правел тајно, тргнувајќи од Божјите зборови за добрите дела да не се бара светска слава.

Свети Никола доживеал длабока старост и умрел во 342 година, откако скоро шест децении му служел на својот народ и на својот Господ. Бил погребан во соборната црква во Мир, но подоцна откако му се јавил во сон на некој свештеник од Бари и го замолил моштите да му ги пренесат во Италија, на 22 мај 1087 година со многу свечености неговите мошти биле пренесени во Бари, (Италија), поради што и овој датум се смета за негов празник Св. Никола – летен. Преданието раскажува дека светите мошти во Бари биле пречекани од мноштво народ меѓу кој имало и многу болни, слепи, глуви, сакати и душевно болни, кои што после тој чин доживеале исцелување.

Свети Никола важел за заштитник на населението од целиот свет, поради што бил високо ценат не само православните туку и католиците. Од истите причини на овие простори во минатото го почитувале и Турците, кои, како што стои во некои записи го викале „Ад’рбаба“, што значи јадар или голем татко.

Во народното верување Свети Николај е особено познат и како заштитник на патниците, особено на тие што патуваат по вода. Затоа на неговиот ден и бродовите застанувале во морињата да го празнуваат празникот на Свети Никола.

Во Македонија има голем број цркви кои го носат неговото име. Овој голем помошник на народот многумина го почитуваат и прославуваат како личен и семеен заштитник. Свети Никола е и најчесто прославувана слава во Македонија.




 
 
15.12.2015 - 14:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега