Собранието расправа за загадувањето на воздухот

Собранието на Република Македонија во рамки на 74. седница, втор ден расправа по информацијата за загадувањето на амбиентниот воздух во Република Македонија поднесен од пратениците од опозицијата.

Миле Андовнов од СДСМ рече дека оваа иницијатива не ја поднеле за да добијат дневнополитички поени или за да им се додворуваат на граѓаните пред најавените парламентарни избори.

- Туку едноставно со ова нема играње, со здравјето на нашите деца, на самите нас и на генерациите што доаѓаат по нас ќе треба уште денес да се ангажираме, да ги проанализираме заклучоците кои ќе произлезат од оваа дебата и од оваа информација, рече Андонов.  

Тој информира дека ридовите на Кочани се уште не се пошумени и нагласи оти мерната станица во Кочани покажува четири пати поголема концентрација на ПМ 10 честичките во воздухот во овој град. 

Реплицирајќи Андон Чибишев од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека не се изнесени релевантни податоци зошто Кочани е загадено и покрај тоа што, како што рече, нема големи индустриски објекти кои би загадувале, а возниот парк е обновен. 

- Се согласувам дека проблемот со загадувањето на амбиенталниот воздухот е многу сериозен. Ние, како Собрание треба сериозно да го опсервираме овој проблем и сите да се заложиме без политика да изнајдеме одредени решенија, да предложиме излезни мерки со кои би се подобрил и квалитетот на воздухот, а со тоа ќе се намали и бројот на заболувањата кои ќе ги предизвикува загадениот воздух, рече Чибишев. Според него, изнесувањето паушални информации од собраниска говорница не е сериозно. 

За податокот дека се зголемува бројот на респираторни и на малигни заболувања, Чибишев рече дека за тоа не е причина само загадувањето на воздухот. - Има многу причини, а зголемувањето на овие заболувања почнува во 80-тите години, рече тој. 

Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ потсети на се она што презела Владата досега за да ја подобри загаденоста на воздухот. 

- Оваа Влада донесе Закон за гасификација на Република Македонија, со задолжување и работи на инсталирање на топлификација во оние градови каде има можност. Владата работи интензивно на алтернативни извори на производство на енергија, како што се хидроцентрали, минихидроцентрали, ветерници, како ветерниот парк во Богданци, рече Илиоски. 

Тој потенцира дека се работи на оформување на регионални депонии, каде современо ќе се третира отпадот, се интервенира со увоз на посовремени возила, а со акцијата за пошумување иминатите години се засадени повеќе од 30 милиони садници. Набавени се нови автобуси во Скопје, гасификација на Клиничкиот центар во Скопје, модернизација на РЕК Битола, а во тек е изработка на физибилити студија за понатамошно намалување на загадувањето од РЕК Битола. 

- Ние не велиме дека во Република Македонија од доменот на екологијата се е решено. Не би се согласиле дека не се прават напори за да се подобри состојбата и цврсто ќе се спротивставуваме на тезите кои опозицијата се обидува, преку оваа тема да пласира во јавноста дека Владата и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се виновни за загадувањето, рече Илиоски. Потенцира дека оваа власт троши пари во сите области на општественото живеење во Македонија. 

Опозицијата обвини дека загадувањето на воздухот е последица на низа погрешни политики на  власта на централно и локално ниво. Според нив, заштитата на животната средина е на последно место на Владата и оти тоа е прецизно нотирано во Извештајот на ЕК. 

Пратениците ќе ја продолжат расправата за аерозагадувањето по редовната попладневна пауза.

 
 
15.12.2015 - 14:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега