Странските инвестиции обезбедија 25 милиони евра за македонските градежни компании

25 милиони евра приходи остварија македонските градежни компании во изминативе 2 години како резултат на нивниот ангажман во изградбата на капацитетите на странските инвеститори во технолошко индустриските развојни зони, и изградбата на зоните. Приход, кој претставува дополнителна придобивка од влезот на странските инвестиции кои се поинтензивно го зголемуваат своето присуство во државата но и директна поддршка за македонскиот градежен сектор.

Приходот од 25 милиони евра е распределен од поголем број на градежни компании од целата држава, кои преку ангажманот во странските инвестиции го зголемија својот обем на работа, го зголемија годишниот приход на компанијата но и ангажманот на градежните работниците во државата.

-Странски инвестиции имаат позитивно влијание во македонската економија. Познато е нивното значајно влијание во зголемување на извозот од нашата земја, особено кон зголемување на извозот на производите кои имаат поголема дополнителна вредност. Она што е особено важно е дека странските инвестиции имаат позитивно влијание и на доманата година. Само во последните две години македонските градежни компании во соработката со странските инвеститори, во поглед на изградба на нивни капацитети, фабрики, погони и уредување на земјиште, имаат остварено зделки од вредност од 25 милиони евра што е добар податок кој значи поддршка на самите домашни компании. Имајќи во предвид дека во наредниот период имаме информации и за влез на нови странски инвеститори, може да изразиме еден сериосен оптимизам дека овој тренд кој е позитивен ќе продолжи и во иднина, што ќе биде од важно значење и за општиот економски раст на Македонија, за поддршка на профитабилноста на самите домашни градежни компании, а особено важно за отворање на нови работни места, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

За претставниците на градежните компании овие податоци претставуваат уште една потврда дека ефектот на странските директни инвестиции врз македонската економија е огромен и видлив во повеќе области. Покрај поддршката на градежништвото, странsките инвестиции се значајни и за околу 500 домашни компании од други дејности кои директно соработуваат со странските компании во државата.

Од големо значење се и остварените приходи на компаниите од останатите дејности, кои соработувајќи со странските инвеститори значајно ги зголемија своите приходи.

За ова говореше и премиерот Груевски.

-Во првите седум месеци од оваа година имаме 24 милиони евра приходи на домашните компании од странките компании во Македонија. Странските компании кои дошле во Македонија купиле стоки и услуги од домашните компании во оваа вредност. Нашата претходна проекција беше дека во цела 2015 година тој приход ќе биде 30 милиони евра, но веќе во првите седум месеци е 24 милиони евра, што значи дека до крајот на годинава веројатно ќе достигне 45, можеби и 50 милиони евра, – истакна премиерот Никола Груевски на 11-ти септември годинава.

Покрај овие дополнителни ефекти од странските инвестиции, се разбира дека од најголема важност покрај учеството во извозот е и отворањето на новите работни места и континуираните вработувања во инвестициите кои го имаат започнато своето производство. Благодарение на влезот на странските инвеститори во државата се создадоа услови за отворање на нови работни места во сите региони во државата, што само во првите 9 месеци оваа година значеше вработување на 5800 лица, бројка која значи дополнителни работни места во странските инвестиции и која во последниве 2 месеци е и значајно зголемена, со оглед на фактот што неколку странски компании стартуваа со производство или вработувања токму во овој период.

Ваквите податоци според претставниците на бизнис заедницата претставуваат доказ за повеќекратниот позитивен ефект од странските инвестиции во државата, кој покрај во отворањето на новите работни места, зголеменото учество во вкупниот извоз и профитот за домашните компании е од исклучителна важност и поради трансферот на знаења кој е поттикнат токму од овие компании, зголемување на продуктивноста и квалитетот во производството и секако создавањето на повисока додадена вредност на производите што се произведуваат во нашата држава.

Радува фактот што домашните компании, кои на почетокот на инвестицискиот бум во државата  својата соработка со странските компании ја базираа во услужните дејности, денес се појавуваат како директни добавувачи на странските компании и активни учесници во процесот на производството. Таквиот тренд според стопанствениците се очекува дополнително да се подобрува и во претстојниот период, што ќе значи и зголемување на приходите на домашните компании и создавање можности за отворање на нови работни места, согласно зголемување на обемот на работа.

 
 
15.12.2015 - 15:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа