Вонредна состојба во Тетово - се затвараат училиштата и градинките

Поради високите концентрации на штетните ПМ 10 честички во воздухот, што неколкупати го надминуваат дозволеното ниво подолго време, Општина Тетово во соработка со Министерството за образование и наука денеска донесе одлука за прекин на наставата до крајот на првото полугодие во сите основни и средни училишта и во градинките во Тетово.

Ова го изјави градоначалничката на Тетово Теута Арифи денеска на  прес-конференција по средбата со директорите на сите образовни институции во градот.

- Свесни за сериозноста на состојбите, како и негативните импликации за загадувањето на воздухот по здравјето на учениците, оваа мерка влегува од сила од денес, а ќе трае до завршување на првото полугодие од учебната година, изјави Арифи.

Арифи се осврна и на протестот најавен за утре кој поради загадениот воздух ќе го организираат повеќе невладини организации. 

- Протестите секогаш сум ги сметала како доказ и вредност на едно витално демократско општество, но тоа што е суштински е дека акумулацијата на граѓанската волја треба да се адресира таму каде што е местото, чувајќи ги секогаш искреноста и добрата волја на граѓаните. Протестот е апсолутно демократско право и треба како таков да се одржи и да се искаже но, меѓу другото, треба и да се работи да се менува состојбата со квалитетот на амбиенталниот воздух, рече Арифи.

Посочи дека како општина во рамките на правното и институционалното дејствување презеле повеќе мерки за намалување на загадувањето на воздухот, како што е профункционирањето на системот за зонско паркирање низ центарот на градот за намалување на сообраќајниот метеж, формирање на јавно претпријатие за гардски сообраќај поради што е побарано од Владата на општината да и додели 8 автобуси, прскање на улиците веќе еден месец со калциум магнезиум ацетат, ограничување на времето за утовар и истовар на стоки во период од 19 до 8 часот следниот ден, за што веќе се казнети дваесттина претпријатија што не го почитувале тоа.

Додаде и дека е зголемен бројот на инспекторите за животна средина од двајца на 11, отворена е бесплатна телефонска линија и веб-портал за пријавување на несоодветно однесување на поединци и институции кон средината, воведено е пренасочување на тешките товарни камиони  на кои  Тетово не им е конечно одредиште по заобиколни патишта и слично.

Арифи најави дека доколу има потреба и согласно со одлуките на Советот на Општината ќе размислат и за воведување поригорозни дополнителни мерки за ограничување на сообраќајот низ центарот на Тетово. 

 
 
16.12.2015 - 14:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега