Со бегството од изборите СДСМ го прекрши Изборниот законик

Стравот на Заев од соочувањето со граѓаните не е само бегство од избори, туку и директно непочитување на законите на Република Македонија кои беа гласани и од страна на пратеничката група на СДСМ.

Имено на седница на Собранието на Република Македонија одржана на 09.11.2015 година, пратениците го донесоа Законот за измени и дополнувања на Изборниот Законик.

Во дури четири члена од овој закон точно е дефиниран датумот за одржување на предвремените избори 24 април 2016 година. 

Претставниците на партиите во законодавниот дом се договорија и изгласаа, во преодните и завршни одредби, односно во членовите 78, 80, 82 и 83 да стои и датумот кој сега Заев реши да не го почитува.


Конкретно во членот 78 став 1 стои „Заради организирање на предвремени избори за пратеници кои ќе се одржат на 24 април 2016 година, Собранието на Република Македонија во рок од пет дена од денот на влегувањето во сила на овој Законик, објавува јавен оглас за избор на членови на Државната изборна комисија, согласно со одредбите од овој Законик.“

Во членот 80 , датумот за предвремени избори се врзува со изготвување на методологијата за прочистување на избирачкиот список, процедура која е повторно закочена од страна на СДСМ и Зоран Заев со нејзино условување со Законот за медиуми. две целосно неповрзани работи кои немаат никакви допирни точки, освен потребата за блокирање и одолговлекување на процесот.

Најинтересни се членовите 82 и 83 бидејќи се однесуваат и на трета страна. Со овие два члена беа опфатени медиумите, односно ограничувањето на платеното политичко рекламирање. Датумот за избори беше врзан со роковите за престанок на огласувањето. Роковите се испочитуваа, а приватните медиуми останаа без дополнителни приходи.

Член 82 во став 1 предвидува : Заради организирање на предвремени избори за пратеници кои ќе се одржат на 24 април 2016 година, забрането е платено политичко рекламирање кај радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) во периодот од 20 декември 2015 година до денот на почетокот на изборна кампања за предвремените парламентарни избори во 2016 година. Истиот член во став 2 вели : Заради организирање на предвремени избори за пратеници кои ќе се одржат на 24 април 2016 година, дозволено е политичко рекламирање на рекламните паноа и билборди заклучно со 20 декември 2015 година, како и за време на изборната кампања.

Член 83 говори :  Од  денот  на  влегувањето  во  сила  на  овој  Законик  до  денот  на  одржување  на предвремените изборите за пратеници кои ќе се одржат на 24 април 2016 година, радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) не смеат да емитуваат, односно да објавуваат реклами финансирани од Буџетот на Република Македонија, од буџетите на општините и на градот Скопје и на сите други лица на кои со закон им е доверено вршење на јавни овластувања.

Во целата ситуација, најголеми губитници од деструктивните политики на Заев и неговиот страв од соочување на избори не се медиумите, туку граѓаните. Секој обид да се избега од датумот за избори или истиот да се пролонгира, значи и пролонгирање на политичката криза и дефокусирање на Република Македонија од патот на реформите и просперитетот

Комплетниот Иборен законик можете да го погледнете тука

 
 
17.01.2016 - 11:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа