ВМРО-ДПМНЕ: За болеста на СДСМ лекот доаѓа на 24 април

СДСМ уште еднаш отворено покажува дека е против поквалитетно здравство во Македонија, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на владејачката партија

СДСМ сака здравствениот систем во државата да биде ист како оној пустош кој го остави во наследство СДСМ.

СДСМ е против изградба на нови болници и клиники. СДСМ е против тоа граѓаните на Република Македонија да се лечат со помош на нови современи апарати. СДСМ е против тоа граѓаните да бидат третирани од доктори кои ги учат најновите медицински методи во врвните светски центри за медицина.

СДСМ со своите проѕирни манипулации попусто се обидува да ги минимизира крупните реформи во здравството, какви што СДСМ ниту планирал, ниту реализирал.

Единствените проекти во здравството кои СДСМ ги реализирал беа јувелирницата на Владо Димов од која бисеери со државни пари добиваа неговите колешки и бизнис-инкубаторот за стентови кој го водеа високи партиски функционери на СДСМ.

СДСМ добро знае дека во нивно време докторите беа приморани да молат по фармацевтски компании да ги спонзорираат нивните едукации во странство. СДСМ не вложи ниту еден денар за едукација и стручно доусовршување на медицинскиот кадар кое го подобрува квалитетот на здравството.

Денес сликата е сосема поинаква. Медицинскиот кадар се едуцира во врвни, реномирани медицински установи низ Европа и светот, и сето тоа е бесплатно за нив, односно средствата ги обезбедува Министерството за здравство и Владата на Република Македонија.

Над 2000 здравствени работници се досега едуцирани во врвни странски медицински центри, а над 70% од докторите едуцирани во странство применуваат нови методи во своите матични установи, и тоа методи кои претходно не ги работел самиот доктор, или пак методи кои претходно не се работеле во целата установа, а дел од тие методи воопшто не се работеле во државата.

СДСМ во 2004 година обезбедуваше едвај 30 специјализации годишно, а во периодот од 2012 година досега, обезбедени се над 1000 специјализации и околу 120 супспецијализации во голем број медицински области.

Во овој момент здравствениот систем функционира со опрема од која над половината (односно 55%) е набавена во периодот од 2011 година досега.

СДСМ памети дека во нивно време имаше само еден компјутерски томограф, и можеби уште еден кој не беше во функција. Денес во државата има 17 апарати за компјутерска томографија. За период од две години за снимање на КТ се упатени околу 102.000 пациенти. Ова е бенефитот од вложувањето во опремата – над 100.000 граѓани кои навремено добиле здравствена услуга, за која порано биле упатувани дури до Скопје, па патувале со часови и биле изложени на дополнителни трошоци.

СДСМ памети дека во нивно време немаше ниту Државна кардиохирургија, ниту Детска кардиохирургија, ниту Центри за интервентна кардиологија низ целата држава, со кои пациентите може побрзо да добијат здравствена услуга, поблиску до местото на живеење, тогаш кога и секундите значат живот.

Со системската реформа на Владата на Република Македонија и Министерството за здравство, за намалување на цените на лековите, опфатени се над 4700 лекови. Само за илустрација, цената на лекот Ацикловир (антивирусен лек) од 573 денари, е речиси 4 пати намалена и сега чини 153 денари. Лекот Клопидогрел од 1419 денари колку што чинеше во 2011 година, сега граѓаните во аптека можат да го купат за 529 денари. Тоа е околу трикратно намалување на цената на лекот и околу трикратна финансиска заштеда за граѓаните кои го купуваат лекот.

Според европскиот здравствен потрошувачки индекс, кој се смета за најрелевантен показател за функционирањето на здравствените системи во Европа, Република Македонија за период од една година оствари напредок од вкупно 11 места. Најголем напредок во историјата на ова рангирање. Рангирање кое што е кредибилно за Европската Комисија и на чие што претставување на годишните резултати присуствува и Еврокомесарот за здравство на Европската Унија. Тоа е кредибилитет кој што не може да се фингира и кој што не може никој да го оспори или доведе во прашање.

Кредибилитетот најмалку може да го оспорува СДСМ познат по своите манипулации со здравјето на граѓаните со кои континуирано докажува дека не се грижи ниту за граѓаните ниту за нивниот живот.

СДСМ бесрамно и лешинарски лажеше за бројот на починати доенчиња во Македонија. СДСМ не ги осуди напаѓачите на здравствените работници кои со огнено оружје посегнаа по животот на доктор, туку ги нарече незадоволни граѓани кои ја преземале правдата во свои раце. СДСМ постојано се противи на подобрувањето на квалитетот на македонското здравство.

За оваа болест на СДСМ лекот доаѓа на 24 април.

 
 
22.01.2016 - 14:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега