ДНЕВНИК ГО ФАТИ ОЛИВЕР КАКО ЛАЖЕ: Спасовски ја измислил аферата за 70.000-те возачки дозволи!

Министерот за внатрешни работи од редовите на СДСМ, Оливер Спасовски, буквално ја измислил аферата за фалсификуваните 70.000 возачки дозволи што ја објави на 14 јануари како негово големо откритие за фалсификување лични документи од страна на владини функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, директно споменувајќи ги поранешната министерка Гордана Јанкулоска и поранешниот премиер Никола Груевски, објавува денешен ДНЕВНИК.

„Дневник“ дојде до допис што до Спасовски го испратил менаџментот на германската фирма „Веридос“, компанијата што ги изработува македонските возачки дозволи, како реакција на прес-конференција за наводната афера од кој јасно се гледа дека афера нема, туку се работело за фабричка грешка за која Спасовски знаел еден месец претходно. Германците уште тогаш му се извиниле на Спасовски и побарале возачките дозволи со грешни сериски броеви да бидат уништени и дека на трошок на фабриката ќе бидат печатени и испратени нови 70.000 обрасци. Уште повеќе, како што дознаваме, на 22 декември директорот на фирмата со цел лично да се извини за грешката со приватен лет пристигнал во Скопје. Спасовски го прифатил извинувањето. Но еден месец подоцна министерот од СДСМ одржува прес-конференција на која објавува дека тој лично поради сомневања формирал комисија за внатрешна контрола, која открила 70.000 обрасци за возачки дозволи што не биле внесени во магацинскиот компјутер бидејќи такви возачки дозволи веќе постоеле. Спасовски ја објави аферата во екот на информациите за негова лична поврзаност и врски со СДСМ со Чаушот, првоосомничениот за аферата за фалсификувани лични карти, кај кого беа пронајдени и десетици илјади прислушувани разговори. Министерот од тогаш не одговара на повиците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ јавно да соопшти до каде е истрагата и да одговори дали има кривични пријави и против кого. Извори од МВР ни потврдија дека Спасовски инсистирал на прес-конференција иако за аферата нема никаква кривична пријава дури ни за непознат сторител.

Прес-конференција на Спасовски

Kако што дознаваме, германската фирма била лута што Спасовски од нивната фабричка грешка прави афера и реагира за нарушениот углед. Извори од германската амбасада, пак, велат дека размислувале за преземање радикални мерки, како демарш, поради однесувањето на Спасовски.

– Скандалозни размери зазема истрагата што ја отворив за начинот на кој МВР, раководено од Јанкулоска, Груевски и нивните соработници, издавало лични документи. Веќе обелоденив дека МВР незаконски издавало и печатело лични карти на лица на незаконски начин и со тоа обезбедувале право на глас и други права… Истрагата што ја отворив во МВР овој пат дојде до 70.000 дупликат возачки дозволи во МВР, ја почна својата неодамнешна прес-конференција министерот за внатрешни работи од СДСМ.

Истрагата, според Спасовски, покажува вмешаност во скандалот на висок раководител во МВР.

– Тој не реагира с` до мојот налог за попис во магацинот. Тогаш очигледно сфаќа дека скандалот не може да се крие и испраќа писмо наредниот ден до фирмата доставувач на возачките дозволи. Но, јас контактирав со менаџерите на фирмата доставувач. Тие самите побараа итна средба со мене. Станува збор за реномирана фирма. Претставниците на фирмата се изненадени зошто никој не ги известил веднаш за дупликатот на возачките дозволи – рече Спасовски на прес-конференцијата.

А како, всушност, било

Но фактичката состојба што ја открива дописот на „Веридос“ како реакција на неговата прес-конференција е сосема поинаква.

„Денес, ви пишуваме за да го објасниме и повторно да се извиниме за недоразбирањето што настана во декември 2015 година. Во текот на производството на последниот контингент од 70.000 возачки дозволи за 2015 година се случи грешка предизвикана од човечки фактор во последниот чекор од производството на картичките. Имено, наместо да го препратиме во производствениот блок точниот број возачки дозволи што го обезбедивме во министерството, ние пративме бројна секвенца од една од претходните години“, стои во дописот на „Веридос“ лично потпишан од нејзиниот главен извршен директор д-р Херман Штерцингер и вишиот потпретседател Лабинот Kорети.

Речиси истовремено грешката ја откриле и во МВР.

„Вашите вработени навремено н` информираа на 15 декември 2015 година за овој проблем и откако извршивме внатрешна истрага, утврдивме дека грешката е предизвикана од наша страна и на 17 декември официјално се извинивме за неа и го информиравме министерството дека тие картички треба да бидат уништени на самото место. Ние лично се заложивме да ги замениме тие 70.000 возачки дозволи бесплатно со наредната планирана пратка. На 22 декември нашиот претставник допатува во Скопје со цел лично да се извини за грешката и ја понуди безусловната помош за с` што му било потребно на министерството за овој процес. Повторно ви се извинуваме за настанатото недоразбирање. Ви стоиме на располагање за каква било поддршка што ќе ви треба од нас“, стои во дописот.

Апсурди

– Со дупликатот возачки дозволи можеби се прави обид за сериозни злоупотреби на идентитети на граѓани. Може и вашиот е меѓу нив. Спречивме злоупотреба на идентитети. Јас не се согласив да бидат повлечени овие 70.000 возачки дозволи од фирмата, туку ќе формирам комисија која ќе ги уништи овие формулари. И спречивме можен криминал. Постојат сериозни индиции, зборувања во јавноста дека има можеби продажба и тука и надвор од Р. Македонија, продажба на возачки дозволи, со одредена цена по која се движат тие формулари – рече на прес-конференцијата Спасовски.

Ваквите речници на министерот на СДСМ, особено имајќи ги предвид дописот од германската фирма и намената на возачките дозволи, се сосема апсурдни. Прво, не Спасовски, туку германската фирма, како што стои во дописот, побарала овие возачки дозволи веднаш да бидат уништени.

Второ, зошто во странство би се купувале македонски возачки дозволи кога тие таму се неважечки и не можат да служат ни за управување со возило ни за идентификација на лицето?

„Веридос“ е всушност заеднички покровител меѓу лидерите на пазарот за печатење документи и пари „Гизке и Девринт“ и „Бундесдрукерај“ во сопственост на германската влада. Оваа фирма печати дел и од еврата. Со македонската влада соработува од 2007 година. Во дописот се вели дека соработката меѓу германската фирма и македонското МВР била толку добра што фирмата го надградила македонскиот пасош со најмодерни карактеристики без никаков трошок.

„Со гордост изјавуваме дека македонскиот пасош денес се вбројува меѓу врвните пасоши во светот според физичките карактеристики, како и во однос на електронската безбедност“, се објаснува во дописот.

 
 
23.01.2016 - 11:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега