Фабрики и креирање работни места: Нови странски инвеститори во Македонија

Во Македонија влегуваат нови странски инвеститори. Владата продолжува да ја промовира земјава како атрактивна дестинација за правење бизнис, што резултира со привлекување нов странски капитал, отворање нови фабрики и погони, креирање работни места, пишува Лидер.

Последна во низата е германската „Кеслер“. Компанијата од електро – машинската индустрија донесе одлуката да влезе во Македонија, што за оваа германска фирма претставува прва инвестиција надвор од матичната земја. Како што информираше Никола Груевски на својот Фејсбук профил, во првата фаза ќе се отвори Центар за истражување и развој, во којшто ќе се вработат 10-ина висококвалификувани електро и машински инженери. Во втората фаза, пак,  предвидено е отворање на погон за производство во кој би се вработиле уште 50-ина луѓе.

-Компанијата која има преку 800 вработени во Германија ја одбра Република Македонија. Нека е со среќа!, напиша Груевски.

Оваа е една од двете германски инвестиции кои Груевски ги најави од годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

-Едната германска инвестиција е во помал град во југозападниот дел на Македонија, на почеток ќе се вработат 150 невработени луѓе. Втората германска инвестиција е во машинската индустрија и ќе се вработат најмалку 60 невработени луѓе, во прв ред инженери, рече Груевски.

Од Владата велат дека е важно што сме успеале да привлечеме инвеститор од ваков профил.

-Ова е една од првите инвестиции, реализирани од странски директен инвеститор во машинската индустрија. Важно е што освен производство ќе има и технолошко – развоен центар за машинската индустрија во земјава“ – објаснува советникот за привлекување странски инвестиции, Алек Никовски.

Компанијата произведува опрема за машинско моделирање и брусење, електромотори, делови за CNC машини, сензори.

Груевски: Имаме уште работа!

Груевски најави дека во овој период засилено ќе биде присутен во јавноста, бидејќи е дојдено време да се соберат плодовите од напорната работа.

-Ќе ме гледате на почетокот на изградбата на новата, втора фабрика на производителот на автобуси „Ван Хул“, кого го донесовме во Македонија и кој заради добрите услови за правење бизнис одлучи да изгради уште една, нова фабрика и да вработи нови 500 невработени луѓе. Ќе ме гледате и на потпишувањето на договорот со американскиот гигант „Џонсон Контролс“ за изградба на новата фабрика во Струмица, каде ќе се отворат нови 1.500 работни места. Ќе ме гледате и на отворањето на новата, втора фабрика на италијанскиот „Текнохозе“, во која ќе се вработат најмалку 100 невработени лица, најави Груевски.

Според странските инвеститори кои го вложија својот капитал во земјава, бизнис – климата е добра и дава гаранција за предвидливо работење, со цел да се постигне раст и развој.

-Ни се допаѓа владиниот пристап кон бизнисот. Имаме директна комуникација со надлежните и кога постои одреден проблем, тој веднаш се решава. Бизнис – климата е многу позитивна. Веќе работиме со полн капацитет, а стартувавме и нова инвестициска програма, вели Филип Ван Хул, прв човек на белгиската фабрика за производство на автобуси.

Растат платите во странските фабрики

Платите во фабриките во слободните економски зони не отстапуваат од индустриските гранки надвор од ТИРЗ-оите, но и ова ќе се менува, бидејќи потребата од соодветна квалификувана работна сила ќе се задоволува со зголемени плати – велат од Советот на странски инвеститори. Оттаму очекуваат да се зголемува и соработката меѓу домашните и странските компании, што би резултирало со отворање и на индиректни работни места.

-Треба да се зголеми квалитетот на услугите и на производите коишто ги пласираат домашните компании за потребите на странските компании. На тој начин, индиректно ќе влијаеме на зголемување на бројот на вработени, на зголемување на извозот и на зголемување на додадената вредност, вели потпретседателката на Советот на странски инвеститори, Ирена Јакимовска.

2016-та ја отворивме со нови инвестиции!

Ако се суди по почетокот на годинава, тогаш се чини 2016-та ќе биде една од најуспешните години во однос на странските директни инвестиции. Од почетокот на јануари досега, дел од компаниите почнаа со работа, дел ги потпишаа договорите, дел ги најавија инвестициските планови.

Најкрупната инвестиција е во велешка „Порцеланка“, ќе се отворат 1.000 работни места во гигантот кој претходните гарнитури го оставија да скапува под забот на времето. Во „Порцеланка“ со 31 милион евра влегува индиската групација БРГ, една од водечките фирми за производство на производи од челик.

-Нашето ветување беше дека ќе донесеме инвестиции во Велес кои ќе значат нови работни места и кои ќе го подобрат животот. Токму тоа се случува. По оние на Маркард и на индиската компанија БРГ, ќе се зголемуваат инвестициите во Велес, вели вицепремиерот Ставрески.

На терен во битолско Кравари веќе почна да работи фабриката за чипс на македонски иселеник.

-За да се вратиме од Австралија и да инвестираме во Македонија бевме поттикнати од добрите мерки на Владата и од нивниот добар однос кон инвеститорите, рече инвеститорот, Горданчо Мирчевски.

Во меѓувреме, германска компанија за мехатроника донесе одлука да вложи 15 милиони евра во Бунарџик и да отвори 200 работни места. Од зоната ќе произведува соларни панели и ЛЕД – светилки.

-Компанијата разгледуваше повеќе земји во регионот, но се одлучи производствената технологија да ја префрли во Македонија, пред сè како резултат на поволните бизнис услови, на квалитетна работна сила и одличната инфраструктура, вели министерот Бил Павлески.

Во прилепската слободна зона, пак, почна да се гради фабриката на германски „Акомпласт“. Компанијата треба да отвори 150 работни места.

-Се решивме за Македонија бидејќи ни беа понудени најдобри услови, во земјата има добро обучен кадар, а Владата е отворена за соработка, вели инвеститорот, Инес Андре.

Лидер ги претставува новите инвестиции

2016-та се очекува да биде рекордна година во однос на странските инвестиции во земјава. Американски „Делфај“ донесе одлука да вложи 15 милиони евра во Бунарџик и да отвори 500 работни места, „КСС“ и „ОДВ Електрик“ се префрлаат во новите погони во Кичево и во Охрид и вкупно ќе креираат 2 илјади работни места, „Гентерм“ ја финишира изградбата на погоните во Прилеп, „Костал“ во орхидско – струшката зона вложува 50 милиони евра и отвора уште илјада работни места, американски „Леар“ во Тетово отвора до 3 илјади работни места, а „Кондево“ се реши за Штип.

Годинава во Бунарџик влегуваат и две домашни компании: „Хајтек“ и „Технопласт“. Вкупно треба да отворат 500 работни места.

 
 
26.01.2016 - 09:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега