Индустријата продолжува да расте, економијата се движи во добар правец

Македонската индустрија фати залет. Позитивен тренд во континуитет со двоцифрени стапки на раст на индустриското производство.  И покрај стагнацијата која се случи во април, мај и јуни, најмногу поради влијанието на политичката криза врз бизнисот, индустријата 2015-та година ја заврши со раст во декември од над 10 проценит, и годишен раст од речиси пет отсто, пишува Лидер.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, индустриското производство во декември 2015 година во однос на декември 2014 пораснало за 10,5%. На годишно ниво, пак, индустриското производство во 2015 година, во однос на претходната 2014 година, пораснало за 4,9%.

Во последниот месец од минатата година, повеќето сектори се во позитива. Највисок раст се забележува во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, и тоа од 12,1%. Преработувачката индустрија исто така бележи двоцифрен раст од 11,7% во декември, додека  во секторот Рударство и вадење на камен во декември 2015 година, во однос на декември 2014 година, се забележува раст од 4,9%.

Според главните индустриски групи, производството во декември 2015 година, во однос на декември 2014 година, бележи пораст кај Енергија за 19,7%, Интермедијарни производи, освен енергија за 6,7%, Капитални производи за 16,3%, Трајни производи за широка потрошувачка за 1,5% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 10,7%.

Растот на индустриското производство со двоцифрени стапки е позитивен тренд и ќе овозможи да се испорачаат планираните стапки на економски раст и во 2016-та. Според надлежните, ова е показател дека политиките се правилно поставени.

„Растот на производството сигурно ќе повлече и раст на профитот во индустријата и отворање нови работни места. Секако, за ова свое влијание имаат и многуте мерки што ги презема Владата, многуте проекти за олеснување на бизнисот за подобрување на бизнис климата за подобри услови за компаниите за правење бизнис. Во тој дел ние ќе продолжиме максимално да правиме напори и понатаму да ја подобруваме бизнис климата за да овозможиме на компаниите да направат што е можно подобри резултати  и да отворат што е можно повеќе нови работни места“, рече неодамна првиот човек на владејачката партија, Никола Груевски.

Охрабрувачки податоци за бизнисот

И покрај неизвесноста која ја имаа бизнисмените при донесувањето на своите одлуки, поради политичката ситуација и претстојните избори, податоците за растот на индустријата за нив се охрабрувачки, велат експертите.

Истовремено, снажниот раст на индустриското производство во последните месеци од минатата година сугерира дека економијата се движи во добар правец, и е добра стартна основа за остварување на целите во 2016-та година. Анализата на податоците во последните месеци вели дека во ноември растот на индустриското производство изнесувал 11,5%, во октомври индустриското производство порасна за 13,1%, во септември 8,6%, а во август имаше позитива од 12,7%.

Според економските аналитичари, и покрај сложена политичка ситуација овие показатели пропратени со силниот раст на индустријата, претставуваат силен одговор на стопанството дека долгорочните и добро поставени економски политики се услов за раст на економијата.

Бизнисмените велат дека се работи на исполнување на нарачките.

„Нашите капацитети се зафатени до април или мај следната година. Тоа дава поттик дека растот ќе биде уште поголем од моменталниот. Ако се среди политичката ситуација, тогаш очекуваме уште поголем бенефит“, вели првиот човек на „Раде Кончар“, Аце Антевски.

Според експертите, силен двигател на растот, покрај преработувачката индустрија, продолжува да биде и градежништвото, како и останатите 20 индустриски сектори кои се поврзани со него.

„Градежништвото, останатите 20 индустриски сектори кои се поврзани со градежништвото, ќе бидат носители на понатамошниот раст на индустриското производство, меѓутоа, ќе придонесат за раст и на бруто- домашниот производ“, вели Митко Алкесов, извршен директор на ССК.

Континуирано расте и бројот на работници во индустријата

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на работниците во индустријата во декември 2015 година во однос на декември 2014 година пораснал за 1,7%.

Во преработувачката индустрија бележи пораст од 2%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација останува на исто ниво. Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во декември 2015 година, во однос на декември 2014 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 4,5% и Капитални производи за 16,3%, додека опаѓање бележи кај Tрајни производи за широка потрошувачка за 4,8%, Нетрајни производи за широка потрошувачка за 1,7% и Енергија за 0,5%.

На годишно ниво, во 2015 во однос на 2014 година, бројот на работниците во индустријата пораснал за 1,8%.

 
 
29.01.2016 - 14:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега