ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не си верува ниту сам на себе за инвестициите во железницата

СДСМ не си верува ниту сам на себе кога зборува за инвестициите во железницата. Во Македонија постојат споменици на инвестициите на СДСМ во железницата – тоа се бетонските столбови на кои требаше да биде направена пругата кон Бугарија.

Oва се наведува во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ на изјавата на Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ.

– СДСМ во железницата успешно избрка од работа стотици вработени и успешно не закова ниту една шајка на некоја пруга. Набавката на нови возови во време на СДСМ е од жанрот научна фантастика. Затоа СДСМ има елементарни непознавања од оваа тема и е во паника кога во Македонија се обновува возниот парк на железницата и се инвестираат милиони евра во реконструкцијата на железничките станици и пруги, се наведува во реакцијата.

ВМРО – ДПМНЕ во реакцијата посочува дека првиот од новите возови е по европски стандарди, како и пругата и ќе започне редовно да сообраќа многу скоро кога ќе се завршат сите редовни процедури, како што е веќе завршеното успешно тестирање од страна на европско нотифицирано тело.

Покрај обновувањето на возниот парк, се потсетува во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ, дел од инвестициите во железницата во овој циклус се: реконструирана железничката делница Табановце-Куманово во должина од 12 километри и Миравци-Смоквица исто така во должина од 12 километри, во инвестиција вредна 7 милиони евра, во тек е реконструкција на делницата Ногаевци-Неготино од 30 километри и вредност од 9,4 милиони евра, а во тек е изградба на пругата кон Бугарија, конкретно делницата Куманово-Бељаковце во должина од 31 километар и вредност од 39 милиони евра. Во завршна фаза е проектирањето на втората делница кон Бугарија од Бељаковце до Крива Паланка за која се обезбедени средства од 147 милиони евра. Се подвлекува дека во тек е изградбата на пруга од Битола до Кременица кон Грција и еден крак до Индустриската зона Жабени, инвестиција од 19 милиони евра, како и проектирање нова пруга кон Албанија од Кичево до Лин во должина од 63 километри.

Завршена е реконструкцијата на Железничката станица во Скопје во вредност од 2,6 милиони евра и во тек е реконструкција на 10 железнички станици на Коридорот 10, инвестиција од 1,9 милиони евра кои ќе се завршат во 2016 година.

– За само 84 дена на 24-ти април СДСМ ќе мора да излезе повторно на мегдан со судот на народот. Ќе мора да ги погледне во очи граѓаните кои ги нарекува стока и стадо овци, граѓаните кои сака да ги лаже со бесрамните продукти на Заев, Спасовски и Чаушот и 10-ти пат по ред да се покори пред волјата на народот, стои во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ.

 
 
30.01.2016 - 17:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега