Македонската Влада и бизнисот градат партнерски односи

Македонската Влада и бизнисот градат партнерски односи. Функционира дијалогот на социјалните партнери, државата се грижи да подготви терен за фер игра, обезбедени се пари за поттикнување на приватниот сектор. Финансиската поддршка доаѓа од повеќе страни: преку Фондот за иновации, парите од ЕИБ, преку поволности за приватните фирми од активните мерки за вработување до консултанти од странство и разни директни поддршки, пишува Лидер.

Лидер направи преглед на мерките кои му стојат на располагање на стопанството.

Финансиска помош од државата за иновативните компании

Фондот за иновации ја менува сликата за македонското стопанство. Државата ја спроведува стратегијата за финансиска поддршка на иновативните компании, кои со парите ги менуваат процесите во своето работење, воведуваат нови технологии и начини на производство, ги пратат светските трендови, отвораат нови работни места. Годинава ќе се пласираат двојно повеќе средства од лани, вкупно 2 милиона 650 илјади евра, наменети за микро, малите и средните фирми, кои досега имаа и најголеми проблеми да дојдат до свеж капитал.

-Планирано е да имаме два повика, еден за старт-ап и за комерцијализација и еден за трансфер на знаења и за акцелератор. Значајно е проектите да бидат иновативни, се оценува и пазарниот потенцијал, дали е наменет за мaкедонскиот пазар или за извоз, се оценува и менаџерскиот тим, какво влијание има проектот, објаснува директорката на Фондот, Јасмина Поповска.

Финансиската помош од државата е голема. Старт-ап и спин-оф компаниите добиваат до 30 илјади за проект, за комерцијализација на иновации се доделуваат и до 100 илјади евра, за трансфер на технологии се пласираат по 200 илјади евра.

-Се поддржуваат компаниите кои реално најтешко обезбедуваат средства и најтешко доаѓаат до финансии од комерцијалните банки. Сметаме дека Фондот за иновации има позитивна улога за старт-ап компаниите, вели извршниот директор на ССК, Митко Алексов.

Финансираните проекти со успех во работењето

Досегашната практика покажува дека со парите кои ги пласира државата преку Фондот за иновации се постигнуваат резултати. Досега се реализираа два јавни повика на кои компаниите аплицираа за различни инструменти. На првиот повик се пријавија 78 компании, а 16 беа одбрани за финансирање. На вториот повик аплицираа 95, пари добија 17 компании.

-Компаниите се стекнаа со можност да остваруваат дополнителен профит, со што се придонесува и за развојот на самата компанија и за општиот економски развој на државата, вели портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Се поддржаа компании од повеќе сектори: од ИТ-индустријата, машинство, електротехника.

-Оваа поддршка е многу значајна за старт-ап компаниите во Македонија. Овие средства ни се од корист за забрзан раст и развој на нашата компанија, вели Никола Бојков, еден од корисниците на парите од Фондот.

Владата планира до 2018 година преку Фондот за иновации да додели вкупно 10 милиони евра.

Државна помош во повеќе сегменти – фокус на економијата

Македонската Влада останува посветена на поттикнување на бизнисот, на креирање добри услови, но и на политиката за финансиски стимуланси со цел фирмите кои се во својот зародиш да дојдат до потребните финансии.

Со пакет од 11 мерки, од ниските даноци и царини, намалените казни, отписот на камати, регулаторна гилотина, пари за иновации и поволни кредити, годишно во стопанството завршуваат стотици милиони евра.

-Ефективната даночна стапка во Македонија е најниска во светот и ја уживаат сите мали и средни претпријатија. Тоа значи дека добиваат стотици милиони евра годишно, бидејќи она што го добиваат како профит не им се одзема од државата за потоа преку распределба да им се враќа назад, вели вицепремиерот Ставрески.

Отворен оглас: пари за работни места

Државата со цел сет мерки го поддржува стопанството. На пример, микро и малите претпријатија кои сакаат да го прошират и развијат сопствениот бизнис со отворање на нови работни места, можат да добијат и 92 илјади денари државна помош за вработено лице. Овој оглас е активен до 22 февруари. Проектот предвидува исплата на неповратни средства за набавка на опрема и материјали во висина од 92.000 денари за секое ново отворено работно место, а максимално можат да се финансираат до пет работни места. Како резултат на владината поддршка преку оваа мерка досега се вработени околу 600 луѓе.

„Македонија вработува“ урива рекорди

Преку проектот „Македонија вработува“ досега се отворени 12 илјади 621 работно место – покажуваат последните податоци на надлежните. Поволностите ги искористиле огромен број компании.

-Проектот трае до крајот на месец април. Би сакал да ги повикам сите субјекти и приватни компании да ја искористат оваа неповторлива шанса и поволностите кои ги нуди проектот, вели дополнителниот заменик – министер за труд и социјална политика, Диме Спасов.

-Проектот „Македонија вработува“ претставува исклучителна можност за компаниите да ги прошират своите човечки капацитети, вели претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Странски консултанти за поконкурентни фирми

Зголемување на конкурентноста на домашните компании, оптимизирање на трошоците, зајакнување на производствените и на маркетиншките процеси, повисока продуктивност, освојување нови пазари, извоз во странство – ова се главните очекувања од мисиите на странските консултанти во домашните фирми. Анализите покажуваат – околу 70 отсто од фирмите кои побарале совет ја зголемиле продажбата.

-Целта е да им се помогне на домашните, мали и средни компании,да ги подобрат своите производствени и маркетиншки процеси. Ангажираме странски експерти, тие се професионалци во својата област, доаѓаат од најголемите и најразвиените компании во Европа, вели државниот советник за поддршка на мали и средни компании, Димче Лазарески.

Проектот „Странски експерти за домашните компании“ стартуваше во 2013-та година. Треба да резултира со подобро работење на компаниите, но и со зголемена конкурентност на македонската економија.

 
 
11.02.2016 - 09:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега