Работодавачите да ги искористат владините мерки за пополнување на слободните работни места

На јавниот портал на Агенцијата за вработување во моментов стојат отворени огласи преку кои македонските компании бараат работници за ангажирање во над 6000 моментално слободни работни места.

Се бараат разни видови на профили на работници, со различен степен на образование, стручност, искуство и во разни стопански и нестопански дејности, од страна на компании кои се лоцирани во различни региони и општини во државата.  Финансиски службеници, комерцијалисти, наставници, сметководители, но и возачи, келнери, шивачи, работници во производство, обезбедувачи се само дел од профилите на кадар за кој се објавени огласи од страна на македонските деловни и неделовни субјекти.

Сите овие огласи се јавни и видливи и секое заинтересирано лице може да ги види на веб страната на АВРМ – avrm.gov.mk што претставува исклучително корисна платформа преку коjа значително се овозможува доближување на понудата и побарувачката на работа.

На оваа веб страна постојано се ажурираат податоците и граѓаните преку неа може да се запознаат со сите слободни работни места за кои се распишани огласи од страна на  компаниите за нивно пополнување и е добра можност за лицата кои се невработени или пак кои бараат работа детално да се запознаат со моменталната состојба на пазарот на труд и доколку ги исполнуваат предвидените услови да аплицираат на истите.

Од Владата велат дека за пополнување на овие детектирани слободни работни места може да се користат мерките и програмите на Агенцијата за вработување, во кои државата ги покрива трошоците за ангажман на работници во определен временски период, период во кој работодавците може да стекнат впечаток за квалитетот на работниците, и да извршат обуки и преквалификации со цел да ги задржат работниците во редовен работен однос.

-Работодавците кои имаат изразено потреба за ангажирање на работнииц во рамки на своите претпријатија соодветно на тоа имаат објавено и јавни огласи, можат да наидат на значителна поддршка од државата, преку владиното финансирање на одредени програми преку кои се дава значајна финансиска поддршка за отворањето на нови работни места. Тие би можеле да добијат квантум на средтсва кои би можеле да ги употребат за покривање на трошоците на плати во одреден период за ангажман на работниците или квантум на средства кои би ги искористиле за отворање на дополнителни работни места. Тука е и своевидниот бонус за микро и мали претпријатија од 92.000 денари по отворено ново работно место, како и проектот „Македонија вработува“ преку кој работодавачите се ослободуваат од плаќањетона придонесите и на данокот за соодветна категорија на лица кои ги ангажираат во работен однос. Како Влада ќе продолжиме и во идниот период со сериозна финансиска, структурна и советодавна поддршка на процесот на отворање на нови работни места затоа што е добар и за компаниите, а особено важно е дека се вработуваат нови лица, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Меѓу поголемиот број на мерки во кои државата финансира или кофинансира вработувања, се и мерките за обука кај познат работодавач со субвенционирано вработување, мерката за практикантство, обуките за дефицитарни занимања и останати мерки.

За мерката обука кај познат работодавач со субвенционирано вработување во период од три месеци државата обезбедува по 6200 денари, во следните шест месеци по 19 000, при што тие имаат обврска потоа работниците да ги задржат на работа во следните 12 месеци.

Со мерката практикантство на младите до 29 годишна возраст им се укажува можност да работат во одредена компанија и во првите три месеци добиваат по 6200 денари од државата, по што компанија одлучува дали ќе ги задржи тие лица во редовен работен однос.

Со проектот „Македонија вработува“ секоја работодавач кој ќе вработи лице припадник в една од петте категории на проектот се ослободува од плаќање на придонеси и даноци во одреден временски период, при што се остварува заштеда од 37% од трошкот за плата

Владата дава финансиска поддршка за микро и малите претпријатија во износ од 92 илјади денари за набавка на опрема и материјали за секое новоотворено работно место

Според последните објавени официјални податоци од страна на Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2015 година, се евидентирани 7155 слободни работни места во Република Македонија.

 
 
11.02.2016 - 14:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега