Македонските компании имаат потреба од свеж капитал - расте кредитирањето

Македонските компании имаат потреба од свеж капитал. Пристигнуваат нови нарачки, се очекува зголемено производство. За да се остане во трка со конкуренција е потребно постојано да се работи на зголемување на конкурентноста, а за тоа да се направи се потребни пари и кредити, пишува Лидер.

-Секогаш има потреба од кредити, без разлика дали сакате да го модернизирате производството и да воведете нови технологии и техники, или, пак, ви се потребни обртни средства, вели првиот човек на Раде Кончар – ТЕП, Горан Антевски.

Тврдењата на бизнисмените ги поткрепуваат и податоците на Народната банка. Во последниот квартал од 2015-та е регистриран голем раст на кредитирањето. Во последните три месеци од минатата година, обемот на нови кредити е за повеќе од 2,5 пати повисок во однос на претходните девет месеци. Централната банка пресметала дека растот на кредитирањето во последниот квартал од 2015-та е највисок квартален раст во периодот по кризата.

-Анализирано по сектори, забрзувањето на кредитниот раст произлегува од зголемената кредитна поддршка на корпоративниот сектор, којшто објаснува над две третини од новото кредитирање во последниот квартал. Ова претставува значително поместување во однос на движењата од претходните три квартали, кога кредитите на домаќинствата ја имаа улогата на главен носител на кредитниот раст, се вели во извештајот на НБРМ.

Позитивни движења има и на страната на побарувачката и на страната на понудата, на годишната основа вкупните кредити во декември биле повисоки за над 9,5 проценти, со што е надмината и октомвриската проекција. Нефункционалните кредити изнесуваат 11,6% од вкупното портфолио.

Како се изјаснија банките во анкетата на НБРМ?

Во последната анкета на НБРМ, банките упатуваат на нето-олеснување на сите кредитни услови за одобрување корпоративни кредити. Како фактори кои влијаат врз кредитните услови се наведени конкуренцијата и ликвидносната позиција, па оттука и се очекува дополнително олеснување на кредитирањето.

-Кредитите се многу значајни. Конкретно ако зборуваме за мојата компанија, учествуваа во голем дел во развојот. Поддршката од банките може да биде уште поголема, потребно е да се издаваат подолгорочни кредити, смета првиот човек на „Специјал“, Горан Ѓорѓиевски.

Банкарите велат дека пари бараат фирмите од прехранбениот сектор, земјоделството, преработувачката индустрија.

-Компаниите генерално се насочени кон нови проекти, кон инвестирање во нова опрема, машини, кон освојување на нови пазари или подобрување на енергетската ефикасност, вели банкарот Предраг Милошоски.

Во однос на побарувачката на корпоративни кредити, во анкетата на НБРМ е наведено дека во последното тримесечје на 2015-та година е забележано натамошно нето-зголемување. Нето-процентот се зголемил од 31 во третиот квартал, на 46,2 во четвртиот квартал.

Банките во анкетата на Централната банка ги посочиле и факторите кои ја условуваат побарувачката на корпоративни кредити. Тука се индивидуалните фактори, поврзани со потребите за финансирање, односно за преструктуирање на долгот, за инвестиции во залихи и обртен капитал, за инвестиции во основни средства. Кај инвестициите во основни средства се забележува и позначително зголемување на нето-процентот во споредба со претходната анкета на НБРМ.

Очекувања на банките за 2016-та година

Банките во анкетата ги навеле и очекувањата за првите три месеци во однос на кредитирањето на корпоративниот сектор.

-Очекувања за првиот квартал на 2016-та година: задржување на динамиката на нето-олеснување на кредитните услови и натамошно нето-зголемување на побарувачката на корпоративните кредити, стои во анкетата.

Олеснетите услови му одат во прилог на стопанството, кое веќе подолг период бара кредити со поповолни услови, односно со подолг рок на отплата на земените средства.

Поволните кредити од ЕИБ одат како „алва“

Компаниите сакаат кредити по поволни услови. Оттука е и големиот интерес за средствата од Европската инвестициска банка кои се реализираат преку Македонската банка за поддршка на развојот. За пет години на домашните фирми им се ставија на располагање поволни кредити во износ од 350 милиони евра, се поддржале околу 1.800 проекти, се отвориле околу 6.700 работни места. Од МБПР велат дека е целосно искористена и четвртатата линија. Само лани биле одобрени кредити во износ од 113 милиони евра за 950 проекти.

-Големо е учеството на кредитите од ЕИБ во вкупните кредити. Во 2015-та беа финансирани проекти во вредност од речиси 83 милиони евра, вели директорот на Банката, Драган Мартиновски.

Според вицепремиерот Ставрески, овие пари во голем дел се искористени од малите и од средните претпријатија, кои и најтешко доаѓаат до свеж капитал.

-Затоа ние ја обезбедивме кредитната линија од Европската инвестициска банка уште на почетокот на кризата во износ од 350 милиони евра за малите и за средните претпријатија, објаснува Ставрески.

Се работи за субвенционирани кредити со каматна стапка од 5,5 проценти. Инвестициските кредити се со рок на отплата од 8 години, кредитите за обртни средства се со рок на враќање од 3 години.

 
 
16.02.2016 - 08:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега