Виктор Грозданов: Опозицијата бега како вампир од лук


Опозициската СДСМ нема ниту концепт, ниту пак идеја за каква било реформа на медиумскиот простор. Единствената цел е да се блокира и одложи изборниот процес. Ова во интервју за Прес24, го потенцира, Виктор Грозданов, поранешен директор на првото здружение на електронски медиуми во Македонија и одличен познавач на медиумскиот простор.

-Процесот за медиуми се дига на плафон со само една цел за политичка контрола на државни пари кои се процесуираат во медиумите, казнени одредби за да може да се добие поповолна состојба и да се избегне договор кој води кон бегање од Избори. Да сакаа од опозициските редови досега ќе имаа договор. Меѓутоа се излага дека е игра, бидејќи сите анкети на јавно мислење велат ВМРО-ДПМНЕ победува, а ние од ГРОМ не сме за заборав, вели Грозданов за Прес24.

Грозданов потенцира дека главната цел на опозицијата е да обезбеди контрола врз медиумите, а не да го реформира и токму затоа најмногу е сконцентрирана на Агенцијата за медиуми.

-Најголем проблем е дека тоа тело се гледа како финансиска фамилијарна егзистенција и дека клучниот пристап кон нејзе е како да си земам добар кредит за да можам овие неколку години да си го проживеам животот. Голем дел од тие што доаѓаат таму апсолутно не ги интересираат медиумите. Како може политичка партија да ги навредува  вработените на едно регулаторно тело без да знае дека тие таму работат по 19 години. Слушнале ли тие за лицата А.Ч, Е.Ј, Е.П, В.Ш, М.Д и да не ги редам понатаму. Затоа законот мора да ги заштити сите вработени таму и да им ги зголеми минимум по 30% на сите платите. Тие го водат телото, тие се душата на телото. Другите се случајни, вели Виктор Грозданов, медиумски експерт, во интервјуто за Прес24.

 

ПРЕС24: Прилично жестоко му се обративте на посредникот Питер Ван хојте во отвореното писмо. Предизвикавте реакции. Тврдите дека посредникот воопшто не ги познава медиумите, медиумскиот бизнис. За решенијата пак кои тој ги нуди сметате дека се не соодветни?

ГРОЗДАНОВ: Со мојот најнов фејсбук другар Питер Ванхојте се разликуваме во две клучни работи. Напоменувам неам ништо лично против во приватна смисла кон господинот Ванхојте. Предлозите  се :

-Јас ја научив и сум учествувал во добар дел на историјата на македонските медиуми и ги знам или ги препознавам сите релации во медиумскиот свет. Еве само една работа заедно со Горан Гаврилов бевме претседатели на Асоцијација на медиуми на Југоисточна Европа во која членуваа 900 медиуми и нормално е дека ги разбираме сите облигационо рекомендативни правила од Европската Унија. За разлика од мене Ванхојте мислеше дека ова е недојдија односно село без кучиња.

Неговиот пристап во целиов случај е дека е отворена дебата за нов закон за медиуми, што е класична катастрофа. Ние треба да разговараме за брзи промени кои ќе важат само до предвремените збори, а после ќе отвараме дебати и ќе анализираме закони. Само да му напоменам дека една исклучивост значи правило. Во случај на пораз на ВМРО-ДПМНЕ тогаш очекувам блокада на сите институции што ги владеат. Тоа е сега правило. Затоа мора да разбере и да биде јасен како посредник дека спиновите за одлагање на изборите не смеат да важат.

ПРЕС24: Во кои делови предлозите на Ванхојте претставуваат проблематичност?

ГРОЗДАНОВ: Немало да се наплаќаат рекламите на Владата за емитување на МРТВ . Извинете ама многу е смешно. Повеќе ќе почитував ако беше напишано дека и создавањето на самите реклами, се извинувам продуцирање, телевизиите и радијата сами ќе ги создаваат и дека за тоа ќе бидат платени согласно пазарните цени. Се надевам дека знае што зборувам.

Агенцијата да ја регулираат оние кои треба да бидат регулирани. Значи ЗНМ и МАН да бидат доминантни и да станат од работници газди. Тоа само во некоја емисија која ќе се вика Желботека. Затоа еве едно прашање и еден предлог:

 Зошто да бидат сменети Селвер Ајдини и Зоран Фидановски?

Предлог:

Предлагачи за членови на советот кој треба да биде составен од 9 членови да бидат следниве групи: ММА, Радиската стопанска комора и регионалните ТВ станици, заедно 3 члена , Претседателот на Република Македонија 3 члена  и Претседателот на Собранието на Република Македонија 3 члена. Сите добиваат надоместок во вредност од една минимална плата со мандати од 3 години . Директорот се бира на конкурс со претходно утврдено вештачење на Универзитетска Психијатриска Болница- Скопје и писмено одобрение од Уставниот Суд дека кандидатот го разбира моментот на заштита на Уставниот поредок во нашата држава. Надоместок за директорот две просечни плати. Кандидатите се изгласуваат по Рамковен Договор и со 62 пратеника(во моментална состојба на пратенички постоечки мандати од 123)

ПРЕС24: Процесот на разговори за медиумскиот пакет испадна дека е најтешко прашање за договарање меѓу партиите. Во моментов има две позиции едната на опозицијата дека власта е таа која не сака да попушти во контролата на медиумите, другата на власта дека опозицијата сака контрола врз медиумите?

ГРОЗДАНОВ: Прво процесот за медиуми се дига на плафон со само една цел за политичка контрола на државни пари кои се процесуираат во медиумите, казнени одредби за да може да се добие поповолна состојба и да се избегне договор кој води кон бегање од Избори. Да сакаа од опозициските редови досега ќе имаа договор. Меѓутоа се излага дека е игра, бидејќи сите анкети на јавно мислење велат ВМРО-ДПМНЕ победува, а ние од ГРОМ не сме за заборав.

ПРЕС24: Петте национални телевизии излегоа со свои предлози. Тие добија поддршка и од локалните и од регионалните телевизии, но партиите остануваат се уште „глуви“ на нивните барања. Зошто партиите не сакаат да ги прифатат предлозите?

ГРОЗДАНОВ: Затоа што власта сака договор за брзи избори, а опозицијата бега како вампир од лук. Меѓутоа на медиумите им препорачувам да се борат без соопштенија туку директно на тајни состаноци и да им ги соопштат нивните проблеми и што треба политичарите да направат за нив. Искусните меѓу нив знаат како.

ПРЕС24: Точна ли е перцепцијата дека преговорите за медиумите всушност се претвораат во преговори за цензура на телевизиите, затоа што сите измени кои што се нудат од посредникот се врзани со работата на телевизиите. Што станува со регулацијата на интернет просторот? Печатените медиуми?

ГРОЗДАНОВ: Апсолутно да. Не можам да поверувам дека разговараме за тоа. Еве нивните поранешни спонзори нека извадат пари, да престанат да се закануваат па да видат како Телевизиите наеднаш ќе предат како мачиња и за нив. Што се однесува до печатените медиуми треба да бидат регулирани и спонзорирани во делот на ДДВ со намалување, додека интернет просторот веднаш да биде ограничен во делот кој може да се претстави како информативен медиум. Замислете Зоран Заев дал интервју за доказ.мк. Нема поголема навреда за тие што работат медиуми.

ПРЕС24: Како да се обезбеди независно и квалитетно регулаторно тело за медиуми. Кој е најсоодветен, според Вас, начин за избор на членовите на Агенцијата?

ГРОЗДАНОВ: Мислам дека погоре објаснив каков предлог би дал. Најголем проблем е дека тоа тело се гледа како финансиска фамилијарна егзистенција и дека клучниот пристап кон нејзе е како да си земам добар кредит за да можам овие неколку години да си го проживеам животот. Голем дел од тие што доаѓаат таму апсолутно не ги интересираат медиумите. Како може политичка партија да ги навредува  вработените на едно регулаторно тело без да знае дека тие таму работат по 19 години. Слушнале ли тие за лицата А.Ч, Е.Ј, Е.П, В.Ш, М.Д и да не ги редам понатаму. Затоа законот мора да ги заштити сите вработени таму и да им ги зголеми минимум по 30% на сите платите. Тие го водат телото, тие се душата на телото. Другите се случајни.

ПРЕС24: Изминатиов период се случија серија настапи на опозициски функционери на неколку телевизии. Како го оценувате интервјуто Латас и Заев?

ГРОЗДАНОВ: Бидејќи ја сум медиумски пациент во старт сум на страната на Драган Павловиќ-Латас. Како лидер на политичка партија треба да сфатиш дека доаѓаш на интервју, а не на дебата. Мора да си подготвен дека на личноста на која и се закануваш дека ќе ја апсиш, е нормално да биде исклучиво безобразно нападен. Зоран Заев мора да разбере дека Сител Телевизија постоела, постои и ќе постои и тоа со Латас. Очигледно е дека Заев лута во медиумскиот простор и тоа ќе му се удри врз глава

ПРЕС24: Како го оценувате настапот на Шекеринска на Канал 5?

ГРОЗДАНОВ: Очигледно  дека Лидија Богатинова е доволно истрошена како новинар и тоа на два пати. Прво требаше да го праша Оливер Спасовски колку пари должи  СДСМ на Канал 5 од 2008 и 2009 година. Денар не даваа или можеби нешто платија? А, Второ да влезеш на ТВ дуел неподготвен не е во ред. Што се однесува до големиот евроинтегративец има среќа пак што Лидија Богатинова е културна жена па не и исклучи микрофон. Овде се поставува прашање дали големиот евроинтегративец  има орентација што значи да дојдеш на интервју? Па не може да се однесуваш како да имаш претстава дека од тебе започнал светот, или по скопски дека имаш проблем поврзан со сексуалниот живот. Со ваков однос евроинтегративката не може да биде ниту хигиеничарка во Куќен Совет каде кириите за станови се по 5000 илјади евра.

ПРЕС24: Заменик претседателката на СДСМ, Шекеринска заговара укинување на радио дифузната такса. Дали тоа е популистички потег или пак реална потреба?

ГРОЗДАНОВ: Предлогот нема врска со реалноста. Се добива реален заклучок дека елементарно нема познавања од медиумите. Тоа се вика вака неписменост.

ПРЕС24: Кој е најсоодветен модел за финансирање на МРТВ?

ГРОЗДАНОВ: Радио дифузна такса, буџетски дотации и реклама. И клучно е да знаеш да ги искомбинираш што е телевизиска година, а што финансиска година и дисциплина финансиска.

ПРЕС24: Изминативе 25 години МРТВ секогаш предизвикувало реакции дека е медиум на власта, без разлика кој и да бил на власт. Ниеден процес на реформа не се покажа успешен. Сега повторно се нудат некои квази решенија. Кој е Вашиот коментар?

ГРОЗДАНОВ: Цело време слушам дека треба да се реформира МРТВ. Ниту еден предлог не води кон негова конечна визионерска стабилизација. МРТВ треба да биде лидер во продукциски и информативен смисол. Ако некој вика, во случајов СДСМ, вели дека ова е катастрофален јавен сервис, тогаш треба јасно и гласно да каже ние ја имаме оваа законска визија и најклучното ова е нашиот професионален кадар. Сакам да ги знам двете решенија, очигледно ги немаат.

ПРЕС24: Дали можност за јавно приватно партнерство е изводливо решение за МРТВ.

 

ГРОЗДАНОВ:  Можноста за јавно приватно партнерство е илузија. Се знае само државата мора да биде сопственик и самата држава го креира амбиентот за работење на ваков тип на медиуми во цела Европа. 

 
 
16.02.2016 - 10:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега