Полесно до сопствен дом: Интересот за „Купи куќа за млади“ ги надмина очекувањата

Граѓаните на Велес, Свети Николе и Пробиштип денеска ќе може да се информираат за можностите кои се нудат за проектите на владата „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа, купи стан“. На караванот граѓаните ќе можат да добијат целосна информација за проектите од претставници на Министерството за финансии, од Катастарот, банкари, како и претставници од општините кои ќе ја презентираат понудата на државни плацеви, пишува Лидер.

Според надлежните, интересот за проектот „Купи куќа за млади“ ги надминува очекувањата. Граѓаните секојдневно се информираат во канцелариите во 33-те општини, додека во канцеларијата во Министерството за финансии, дневно околу 80-ина граѓани доаѓаат за да се информираат за можностите кои им се нудат.

Поволната поддршка што ја дава државата е олеснување за граѓаните во плаќањето на ратите од кредитот или во покривањето на учеството, а тоа го прави овој проект, со своите два модели, примамлив за младите.

Преку првиот модел, државата ја субвенционира ратата во период од 11 години. Во првите 8 години, поддршката изнесува 80 проценти од месечната рата, а во следните 3 години државата ќе покрие половина од ратата. Максималниот износ за кредитот е 50 илјади евра.

-За 30.000 евра кредит доаѓа рата од 200 евра месечно. Првите 8 години, Владата покрива 160 евра од таа рата, а 40 евра плаќа граѓанинот. Значи 8 години само по 40 евра плаќа младиот човек кој сака преку овој проект да го реши прашањето за сопствен дом, а Владата секој месец покрива по 160 евра за ратата од 200 евра. Потоа 9-тата, 10-тата и 11-тата година од враќањето на кредитот, 100 евра покрива Владата, 100 евра граѓанинот. Потоа по 12-тата година до 20-тата, целиот износ од месечната рата си го покрива граѓанинот. Тоа е првиот модел преку практичен пример за тоа што значат тие 80 и 50 отсто. Тоа е голема огромна поддршка за луѓето кои сакаат да дојдат до сопствен дом, објаснува вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Вториот модел од проектот е наменет за луѓето кои немаат пари за учество, но со своите приходи можат да ја покријат месечната рата. Во овој случај, државата целосно ќе го покрие учеството за станбениот кредит (25% од кредитот). Тоа значи дека за 50 илјади евра, поддршката изнесува 12.500 евра.

-Кога одите во банка и барате станбен кредит од 30.000 евра, банката ќе побара сопствено учество. Тоа отприлика се движи 25 отсто од висината на кредитот, значи за кредит од 30.000 евра тоа е околу 7.500 евра. Тие ги дава Владата. Ако кредитот е поголем и е 50.000 евра, тоа се 12.500 евра учество, кои ги даваме 100 процентно“, објаснува Ставрески.

Општините подготвени за проектот

7.640 локации во околу 50 општини се наменети за проектот „Купи куќа за млади“. Градоначалниците веќе понудиле парцели наменети за овој проект и ќе градат типски населби. Очекуваат бројката да расте, како и интересот од страна на граѓаните.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека освен постојните шест, на граѓаните ќе им се понудат нови бесплатни проекти за куќи со кои ќе им се обезбеди поголем избор. Квадратурата на понудените типски куќи е од 50 до 200 квадрати.

За проектот „Купи куќа за млади“ во Прилеп е предвидена типска населба „Градина“ која има 424 градежни парцели и е на површина од 413.000 метри квадратни. Во Валандово ќе се прави типска населба со 100 куќи, во Илинден се планирани 850 парцели во населбата Јака и дополнителни 150 во близина на Ајватовци.

Според претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, проектот „Купи куќа за млади“ е одлична можност младите да дојдат до сопствен дом преку поволни услови.

-Ова е можност за полесно да се дојде до сопствен дом, изградба на своја куќа под екстра поволни услови во кои, според едниот модел од овој проект, државата отплаќа 80% од месечната рата за кредитот, вели Груевски.

Вистинско време за инвестиција во иднината

Според банкарите и градежниците, со државната поддршка, младите полесно ќе дојдат до сопствен дом. Сега е вистинско време за инвестиција во иднината, велат тие.

-Во банката постојано се обраќаат клиенти со цел потемелно да се информираат околу деталите за овој проект. Досега имаме примено десетина барања за субвенциониран станбен кредит од оваа програма и интересот е голем, објаснува банкарот Драган Михајлов.

И градежниците велат дека интересот за проектот постојано расте.

-Бевме затечени од големиот интерес и ги вложуваме сите напори да ги примиме сите заинтересирани лица, да ги опслужиме, да ги испратиме до банките за да можат да аплицираат за кредити, вели Роберт Хот, сопственик на градежна компанија.

Со проектот, според надлежните, се овозможува  надминување на препреките со кои се соочуваат оние кои имаат потреба од свој дом.

 
 
17.02.2016 - 08:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега