Владина поддршка за учество на меѓународни саеми за земјоделски прозводи

Со нови околу половина милион евра Владата и оваа година ќе го поддржи учеството на македонските компании од агро-секторот на меѓународните реномирани саемски манифестации.

Винарии, преработувачи и производители на овошје и зеленчук и млекарите од држава кои се извозно ориентирани и оваа година ќе имаат можност да ја искористат владината поддршка за учество на повеќе саемски манифестации и промотивни настани во земјите од ЕУ, САД, Кина, Русија и останати земји.

Владата ќе го финансира организираниот настап на македонските компании на најреномираните и најпознати светски саемски манифестации, преку финансирање на трошоците за закуп на саемски простор, изработката и опремувањето на заедничкиот  национален штанд, како и подготовката на промотивните материјали, со што се создаваат одлични можности за промоција и презентација на македонските компании.

Програмата која беше изработена во соработка  со националните здруженија на компаниите од овие сектори, беше усвоена од Владата и веќе се започна со нејзина реализација. На саемски манифестации Фрутлогистика во Берлин и Продекспо во Москва кои се одржаа овој месец учествуваа 19 македонски извозно ориентирани компании.

Покрај овие два саеми за оваа година е предвидено промоција на македонските производи и на саемите за вино Prowein China кој се одржува во Шангај и ProWein во Дизелдорф, на саемите за производители и преработувачи на овошје и зеленчук  World Food -Мир Питание во Москва, Sial и Sial Middle East во Париз а ќе бидат организирани и поголем број на промотивни настани за промоција на македонското вино во САД, таргетирани пазари во земји од ЕУ како и во Пекинг, Хуанџо и Шангај во Кина, а ќе бидат организирани и промотивни настани на компаниите преработувачи на овошје и зеленчук во повеќе држави од Европската Унија.

Овие саеми и промотивни настани претставуваат одлична можност за компаниите од агро секторот кои поседуваат извозен потенцијал за нивно претставување и нивно дополнително афирмирање во рамки на светските брзорастечки пазари, што претставува особено значаен момент во зголемување на производството и профитот на нашите домашни компании. Од Владата велат дека искуствата се позитивни и ги повикуваат сите заинтересирани домашни компании кои поседуваат извозен потенцијал да се вклучат во овие активности и да ја искористат оваа поддршка.

-Оваа владина програма дава навистина позитивни резултати. Домашните компании кои учествувале на саемските манифестации реализирале однос и потоа склучиле зделки со странски компании за извоз на домашни земјоделски производи во висина од над 35 милиони евра. Тоа е навистина една добра гаранција и мотив повеќе за сите останати компании од овој сектор да ги искористат можностите кои им стојат на располагање, да влијаат позитивно на нивната профитабилност и на отворањето на нови работни места.  Следната саемска манифестација ќе се одржи во месец март во Дизелдорф  и сите извозно ориентирани компании од винскиот сектор се повеќе од добредојдени да се обратат во МЗШВ и да ги истражат сите можности за земање на учество, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Само минатата година околу 50 домашните компании преку успешни настапи на: саемите и промотивните настани во Кина, САД, Полска, Русија, Германија, Данска, Холандија, Англија, Чешка, договорија извоз на земјоделски производи во вредност од над 15 милиони евра.

Од Владата истакнуваат дека реализацијата на оваа програма е само еден сегмент од целокупниот сет на активности што владините институции ги превземаат во соработка со компаниите и здруженијата од агро секторот, а кои се насочени кон зголемување на извозот на македонските земјоделски производи на странските пазари, со посебен приоритет на брзорастечките пазари и што изминатиов период дава конкретни резултати во растот на извозот на земјоделските производи, кој од 2006 до сега е двојно зголемен, а таквата тенденција е забележителна и во повеќето земјоделски сектори како што е производството на вино, извозот на преработки од овошје и зеленчук каде секоја година се забележуваат рекордни резултати или пак во извозот на овошје и зеленчук каде споредбено 2006-2014 година извозот е зголемен за 80%.

Овие постигнати резултати и за институциите и за претставниците на компаниите претставуваат доказ дека континуираниот дијалог и заедничка соработка помеѓу сите засегнати страни во агро секторот позитивно влијае на растот и развојот на земјоделското производство.

 
 
18.02.2016 - 14:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега