Експлодираше плинска боца и усмрти старец во Куманово - еве ги деталите

Денеска во Куманово се случи вистинска трагедија кога 71-годишен кумановчанец загина откако во неговиот стан по експлозија на плинска боца настана пожар. Се работи за Божин Трајчевски кој за жал не успеал да се спаси од огнената стихија.

Како што пренесува Утрински весник, жителите на булеварот „Октомвриска револуција“ денеска околу 10,45 часот часот ги потресе силна експлозија. Соседите раскажуваат дека силен тресок се слушнал на првиот кат на зградата, каде најверојатно пукнала плинска боца. На дежурниот телефонски број 192, за случајот била информирана и полицијата. Противпожарните екипи веднаш излегле на терен.

- „Пожарот беше пријавен во 10,45 часот, излеговме на интервенција со едно противпожарно возило и петмина пожарникари. Гореше дневната соба, а имаше и едно лице со изгореници. Успеавме да го изгаснеме пожарот“, вели Драган Ѓелиќ, командир на смена на територијалната противпожарна единица Куманово. Тој додава дека не биле зафатени другите соби во станот и оти не постоела можност за проширување на пожарот на соседните станови, пренесе Утрински.

Инаку, старецот живеел со ќерка си, а таа за несреќа не била дома, туку на работа во кобниот момент.

Кога бил донесен во болница старецот имал изгореници од трет и четврт степен и не давал знаци на живот.

Извор: Утрински

најчитано сега