Алити најавува иницијатива за одложување на изборите - во ДУИ нема одлука

Пратеникот на ДУИ и потпретседател на Собранието Рафиз Алити за медиумите кои известуваат на албански јазик најавил дека ќе поднесе иницијатива до Собранието за поништување на одлуката за негово распуштање и одложување на изборите закажани за 24 април. Согласно законот Алити треба да собере потписи од 20 пратеници, а тој најавил дека ќе го стори тоа.

Од неговата партија ДУИ велат дека се уште не донеле одлука дали ќе ја поддржат одлуката за одложување на изборите.

Рафиз Алити и при гласањето за одложено распуштање на Собранието не се согласи со ставот на неговата партија и гласаше против.

Од СДСМ најавуваат дека нема да се потпишат на иницијативата на Алити но дека ќе поддржат одложување на изборите и поништување на одлуката за распуштање на Собранието.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен. Од партијата велат дека тие нема да гласаат за поништување на одлуката за распуштање на Собранието.

За да помине предлогот на Алити, потребно е за него да гласаат 62 пратеници. Ако се има предвид дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во моментов располага со 59 пратеници, тоа значи дека од сите останати 64 пратеници само двајца може да не ја поддржат иницијативата или пак да не бидат на работа во Собранието. 

Сепак за да се реализира ова сценарио, потребно е во текот на попладнето, спикерот Вељаноски да закаже седница. Доколку тоа не се случи, останува одлуката и Собранието се распушта на полноќ. 

 
 
23.02.2016 - 13:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега