Судот одлучи: Возачот кој го усмрти детето во Влае доби 1 година затвор

Заврши судењето за настанот кој минатата година ја завитка Македонија во болка и тага. Како што денеска пишува Република, возачот на камион кој во октомври минатата година прегази 12-годишно дете во Влае, доби една година затвор за тешки дела против безбедноста на луѓето и против имотот во сообраќајот, за кое е одредена максимална затворска казна до пет години. Тој доби минимална казна за ова дело бидејќи го признал истото.

Раде В, возачот кој со камион на 24 октомври минатата година прегази 12­-годишно девојче на улицата „Адолф Циборовски“, меѓу населбите Хром и Влае, во Кривичниот суд во Скопје со солзи во очите побара прошка од родителите на малото девојче. 

– Верувајте ми чесен судија никогаш во животот не сум помислил да повредам некого, тоа ангелче требаше да преживее. До гроб ќе го носам ова со себе. Не успеав да ја видам, не знам како и зошто се случи. Секогаш сум бил максимално внимателен во сообраќајот и никогаш не сум направил сообраќајка. Би го заменил нејзиното место и јас би легнал на нејзиното место. Срцето би го откорнал само да ја вратам. Која казна и да ја одредите, јас ќе страдам цел живот -­ рече обвинетиот на рочиштето кое се одвиваше во понеделникот.

Инаку, одбраната му предложи на Судот, на возачот да му одреди алтернативна мерка место затвор имајќи ги предвид фактите дека никогаш не бил осудуван, се кае за стореното дело и има грижа на совест која ќе ја носи до крајот на животот. Како олеснителна околност при носењето пресуда, одбраната наведе дека обвинетиот има нарушена здравствена состојба.

 
 
25.02.2016 - 12:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега