Ла Ру: Ќе ја пофалам Македонија за лустрацијата во извештајот во октомври

Експертот на ОН, Ла Ру, даде високи оценки за лустрацијата во Македонија, пренесе Дневник.

Специјалниот известувач на Обединетите нации за слободата на изразување вели дека отворањето на кодошките досиеја ќе го наведе како позитивен пример во својот следен извештај за Македонија пред ОН. Тој вели дека не ги селектирал медиумите со кои се сретнал при неговата посета на Македонија, туку дека, преку канцеларијата на Светската организација во Скопје упатил покана до сите заинтересирани медиуми.

- Во Гватемала сум имал контакти со Фондацијата отворено општество, и да, тоа за што ме спомнуваат, тоа се случи пред 2-3 години во мојата стара земја. Тоа беше сосем поинаку и нема врска со мојот мандат како известувач за слобода на изразување, и сигурно нема врска со мојата посета на Македонија. Во Македонија, имаше состанок на организации од граѓанското општество, и Фондацијата отворено општество беше една од организациите кои дојдоа. Се сретнав со сите организации кои беа заинтересирани. Тоа е важно за мене, нема да исклучам било кого од состаноците, вели Ла Ру , пренесе Дневник.

Ла Ру вели дека агендата на средбите во Скопје ги организирал сам, преку неговиот кабинет во Женева и во соработка со канцеларијата на УНДП во Скопје. Тој ги отфрла обвинувања и дека при неговата посета на Македонија ги селектирал медиумите.

- Немавме никаква агенда која луѓето требаше да ја видат или да не ја видат. Колку што знам, канцеларијата на ОН ги покани сите од печатот да дојдат на овој состанок. Тие што не дошле, тоа го направиле затоа што не сакале да дојдат. Информациите што ги добив од канцеларијата на ОН во Македонија се дека сите беа поканети да се сретнат со мене. Мене не ми е грижа за идеолошката позиција на кого било, особено од печатот, изјави Ла Ру.

На прашањето дали го следел македонскиот закон за лустрација, во рамките на кој е предвидено објавување на досиејата за кршење на човековите права на интернет, Ла Ру рече дека со задоволство ќе го внесе овој пример во неговиот извештај, како препорака до другите држави.

- Знам дека Македонија има таков закон, но не знаев дека овие документи се објавуваат на интернет. Ако е така, тогаш ќе ми биде задоволство да ја спомнам Македонија како позитивен пример, како добра практика, изјави Ла Ру за Дневник.

Извор и Фото: Дневник

најчитано сега